понеделник, септември 28, 2026
Дома СВЕТ Иранската амбасада во Лондон ги отфрли шпекулациите за вмешаност на Иран во...

Иранската амбасада во Лондон ги отфрли шпекулациите за вмешаност на Иран во инцидентот во близина на воздухопловната база Ферфорд

0
Фото:википедија

Иранската амбасада во Лондон денеска соопшти дека „категорично ги отфрла и остро ги осудува неодамнешните неосновани и злонамерни шпекулации“ во медиумите, кои сугерираат дека Иран бил вмешан во наводен заговор против базата на Кралските воздухопловни сили (RAF) во Ферфорд, која ја користат Соединетите Држави.

„Ширењето на такви измислени шпекулации – особено по криминалните акти на агресија извршени од страна на Соединетите Држави и израелскиот режим врз иранскиот народ – нема да послужи за ништо друго освен за поттикнување на иранофобична пропаганда во Обединетото Кралство“, се вели во соопштението објавено од иранската амбасада на платформата „Икс“.

Во него се додава дека Иран „го задржува правото да преземе соодветни правни дејствија, доколку е потребно, за да ги заштити правата и интересите на земјата и нејзиниот народ како одговор на погрешните и штетни медиумски наративи“.

Според британската полиција за борба против тероризмот, вчера биле уапсени петмина Британци на возраст меѓу 20 и 30 години, под сомнение за подготовка на терористички напад и кривични дела поврзани со експлозиви. Аапсењата уследија по пријавите за три сомнителни возила во близина на базата RAF Ферфорд во Глостершир, Обединетото Кралство – база што ја користи Военото воздухопловство на САД (USAF).

Поради инцидентот, кој бил пријавен во неделата околу 00:45 часот по полноќ, била прогласена вонредна состојба, а десетици жители од блиското село Велфорд биле евакуирани од своите домови, пренесува „Би-би-си“.

Околу областа е поставен полициски кордон во радиус од 400 метри, а распореден е и тим за интервенција во опасни средини како дел од голема операција на службите за итни случаи.

Британската влада им дозволи на САД да ја користат базата RAF Ферфорд во југозападна Англија за изведување напади врз ирански ракетни локации кои претставуваат закана за бродовите во Ормускиот теснец, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ