Од 29 септември до 2 октомври, во Скопје ќе се одржи меѓународна конференција, насловена „Европски дијалози, eвропско наследство и иднина“, во организација на Францускиот институт во Париз, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во нашата земја.
Отворањето на „Европските дијалози“ е во вторник, 29 септември, во 19:00 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, со изложбата „Солидарноста како иднина“. Изложбата ќе биде официјално отворена од страна на Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи, и Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција.
Изложбата „Солидарноста како иднина“ потсетува на еден од најзначајните примери на меѓународна културна солидарност во историјата на Скопје и на уметничката колекција создадена по земјотресот во 1963 година, кога уметници од Франција и од други европски земји донирале дела за градот. Ќе бидат претставени врвни дела од постојаната музејска колекција на познати француски, македонски и европски автори како Сулаж, Вазарели, Никола Мартиноски и многу други.
„Европските дијалози“ предвидуваат четиридневна програма на јавни дебати, предавања, средби, разговори и културни настани, која на едно место ќе собере истражувачи, новинари, активисти, уметници, студенти, дипломати и институционални претставници од Франција, Македонија и други европски земји. Ова издание, како завршен настан од програмата „Споделени хоризонти“, ќе се занимава со прашањата за заедничкото европско наследство, различните форми на припадност и европските хоризонти. Во фокус ќе бидат прашањата: Каква историја споделуваме? Кои заеднички борби и барања ги имаат европските граѓански општества? И каква иднина предвидуваме за Европската Унија и нејзините граѓани? Програмата е конципирана во различни формати: од затворени работни сесии и работилници, наменети за учесниците, до јавни дебати отворени за пошироката публика, со што се овозможува и продлабочена интеракција со публиката. За затворањето на настанот е предвиден сет на диџеј Милс од Франција и диџеј Дарко од Скопје, кои ќе остварат музички дијалог во на 2 октомври, со почеток од 20:30 часот, во Лабораториум.












