Две лица загинаа, а повеќе се спасени по уривањето на долните три ката од седумкатница во истанбулскиот кварт Малтепе, додека потрагата по луѓето за кои се верува дека се под урнатините продолжува, соопшти Канцеларијата на гувернерот на Истанбул.
Зградата на улицата Догу, во населбата Џевизли, има приземје и шест ката, а на приземјето има канцелариски простор, објави „Хуриет“. На местото на настанот беа испратени екипи за помош, противпожарните и здравствените служби, како и полицијата.
Осум лица, меѓу кои три деца, претходно беа извлечени од урнатините во спасувачка операција. Станарите од деловите од зградата кои не беа погодени од уривањето беа евакуирани.
Според податоците од Системот за регистрација на населението, зградата е изградена во 1987 година, а во неа живеат 33 луѓе, од кои 14 во четирите стана во срушениот дел. Станарите изјавија дека претходно била дискутирана урбаната трансформација на зградата, но дека таа не била прифатена. Тие исто така рекоа дека зградата се тресела откако се отворила продавницата на приземјето.












