Селекторот на женската ракометна репрезентација, Кристијан Грчевски, имаше на располагање 16 од 20. повикани ракометарки, додека Коларовска, Петковска, Арсениевска и Гакидова се приклучија подоцна, во пресрет на квалификацискиот меч за Европското првенство во декември годинава, против селекцијата на Белгија.
– Следуваат двата најважни натпревари за нас во овие квалификации, кои може да нè одведат на следното ЕП. Подобро е што првиот меч го играме на гости. Не сме комплетни на утринскиот тренинг, но верувам дека ќе бидеме комплетни и ќе играме најдобро на мечот против Белгија – вели Кристијан Грчевски.
Двата дуели со Белгија, денес и во сабота, може да дадат одговор дали е блиску Македонија до пласман на уште едно ЕП. Ни требаат две победи за да бидеме сигурни на третото место и да се надеваме дека ќе бидеме меѓу четирите најдобро треторангирани екипи и дека ќе играме за завршниот турнир во декември.
Првиот меч со Белгија се игра вечерва од 20:10 часот, додека реваншот е на 7 март од 17:00 часот, во Куманово.












