петок, октомври 9, 2026
Дома СВЕТ Два камиона, 30.000 шишиња и пет милиони евра: Спектакуларна кражба во италијанска...

Два камиона, 30.000 шишиња и пет милиони евра: Спектакуларна кражба во италијанска винаријa

0

Крадци украле 30.000 шишиња вино во вкупна вредност од пет милиони евра од италијанска винарија во Фиренца, објавија денес италијанските медиуми.

Според весникот „Кориере дела Сера“, ова е најголемата кражба на вино по вредност некогаш забележана во Италија.

Група од најмалку седум лица ја извршила операцијата ноќта помеѓу саботата и неделата, успевајќи да земе пратка вино од винаријата Маркези Антинори, чија цена се движи од 120 до 300 евра по шише.

Крадците, исто така, зеле 10.000 шишиња од нивниот најпрестижен производ, виното „Солаја“, објави агенцијата Анса.

Откако го оневозможиле алармниот систем и ги исклучиле безбедносните камери во подрумот, крадците наводно влегле со два камиона и ги натовариле шишињата користејќи ги сопствените виљушкари на компанијата.

Кражбата била откриена дури во понеделник наутро, кога вработените пристигнале на работа и откриле дека виното го нема.

„Секако дека станува збор за високо организирана банда“, изјави извршниот директор на компанијата, Ренцо Котарела, за „Кориере дело Спорт“.

Тој додаде дека е можно вклучената група да е истата што била активна во други винарии во Италија во последните месеци.

„Кражба од ваков обем и вредност сигурно никогаш порано не се случила во Италија“, рече Котарела.

Украдената стока може да биде наменета за колекционери или сопственици на ресторани, иако веројатно ќе предизвика сомнеж, особено кога станува збор за виното Солаја, кое се произведува во количини од само 60.000 до 70.000 шишиња годишно.

Компанијата ги предупреди клиентите ширум светот да бидат претпазливи со понудите што доаѓаат од надворешни официјални канали.

„Сè уште се надеваме дека ќе го најдеме виното. Два камиона не можат едноставно да исчезнат“, рече Котарела.

ИЗДВОЕНИ