Кевин Дурант се огласи по пензионирањето на Расел Вестбрук и испрати исклучително емотивна порака до него. Двајцата заедно поминаа осум години во Оклахома и беа дел од тимот што стигна до НБА-финалето во 2012 година. Иако нивниот однос подоцна беше проследен со различни приказни и несогласување, Дурант во својата порака се присети на почетоците и на годините што ги поминаа заедно.
- Многумина ги видоа емоциите што ги покажуваше Рас на теренот и мислеа дека е гласен, но, за мене, беше тивок и методичен. Тој водеше со пример. Не зборуваше многу – едноставно се појавуваше. Цели 18 години – напиша Дурант.
Тој откри и дека Вестбрук индиректно влијаел на неговата професионална рутина. Откако забележал дека тренира секое утро пред тимските тренинзи, Дурант почнал да го прави истото.
- Беше инспиративно да се биде негов соиграч. Каде и да одев, го гледав како инспирира луѓе од сите сфери на животот – додаде тој.
Дурант потоа се присети на заедничките почетоци, патувањата, ол-стар натпреварите, повредите, возењето со автобус и со авион, игрите со карти, шегите и расправиите.
- Ние, првата генерација млади момци, патот до финалето во нашите рани дваесетти години, ол-стар натпреварите… сето тоа е незаборавно – се присети Кевин.
На крајот, тој му испрати силна порака на Вестбрук.
- Продолжи да инспирираш во следната фаза од животот, шампионе! Не ме интересира што ќе се случи – никој не може да го избрише она што беше – заклучи Дурант.











