Дубаи баскет продолжува со амбициозното засилување на ростерот, а најново име во тимот е Мамади Диаките. Репрезентативецот на Гвинеја потпиша повеќегодишен договор со клубот од Обединетите Арапски Емирати, по успешната сезона во дресот на Басконија.
Во својата дебитантска сезона во Евролигата, тој бележеше просек од 8,4 поени, 4,2 скока и 1,2 блокади за 19 минути на натпревар, а сезоната ја заврши како најдобар блокатор во шпанското првенство. Тој беше дел и од тимот на Басконија што го освои Купот на Шпанија во 2026 година. Еден од неговите најдобри настапи беше токму против Дубаи, кога постигна 27 поени и оствари индекс на корисност 37. Ја започна својата кариера во САД, каде што ја освои НЦАА-титулата со Универзитетот „Вирџинија“, а потоа настапуваше во НБА за Милвоки, со кој стана шампион во 2021 година.











