Со годинашните истражувања вршени на Тумба Сред Село кај с. Дренок, Општина Пробиштип, под раководство на м-р Златко Видески, е потврдено дека станува збор за значаен локалитет поврзан со културната група Уланци. Населбата од доцното бронзено време е откриена од страна на археолозите Дамјан Донев и Радомир Ивановиќ, а во рамките на проектот „Ревизиони археолошки рекогносцирања на Пробиштип и Кратово“.
Меѓу најзначајните резултати се дел од праисториска куќа со сочуван ѕид долг 6,8 метри, богата колекција на рачно изработена керамика, типична за доцното бронзено време.
– И покрај оштетувањата предизвикани од ерозијата и современите интервенции, локалитетот претставува исклучително важен извор за проучување на животот и материјалната култура пред повеќе од 3.000 години и отвора нови можности за истражување на праисторијата во овој дел од државата, велат од Археолошкиот музеј на Македонија.
Истражувањата ги реализираше стручен тим во кој покрај Златко Видески, учествуваа и археолозите Илија Бошковски и Јовица Ристов, како и Марија Видеска – архитект.












