По Античкиот театар во Охрид, Македонската опера и балет и СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Влатко Миладиноски (и Златко Миладиноски) со оркестарот ќе ја освојуваат и битолската Хераклеја
По незаборавните концерти во Охрид и Скопје, македонското музичко востание продолжува во Битола! Вo среда, со почеток во 21:00 часот, Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот ќе приредат голем концерт под отворено небо во магичниот амбиент на Античкиот театар Хераклеја. Интересот е огромен, а тоа се потврдува и со последната продадена влезница, иако цените не беа мали. Но, убавата певлива песна и интерпретацијата на Влатко си го прават своето.
Битолчани и публиката од цела Македонија ќе имаат можност да бидат дел од вечер посветена на македонската музика, традиција и култура. На сцената, Влатко Миладиноски ќе биде придружуван од оркестарот на Златко Миладиноски со повеќе од 30 музичари, кои ќе создадат моќен музички спектакл.
По концертите што ја обединија публиката во Охрид и Скопје, браќата Миладиноски ја донесоа својата музичка магија во градот на конзулите. Хераклеја, како еден од најзначајните културно-историски локалитети во Македонија, ќе биде совршена сцена за вечер во која ќе одекнуваат најубавите македонски песни. Нивните музички гости се: Спасен Силјаноски, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски, како и уметници-Македонци од Егејска Македонија.
(Д. М.)












