Дождот не дава да се прска против комарци

22

Првото прскањето против комарци од авион и од земја годинава сè уште не е спроведено од Град Скопје, а скопјани веќе почнаа да се жалат на бодежи од овие инсекти.

Тие реагираат дека досега требало да се реализира првото прскање за да не дојде подоцна до размножување на комарците, па да имаат проблеми како минатата година.

За тоа зошто не е спроведено досега прскањето, од Град Скопје велат дека за постоење услови за извршување дезинсекција, неопходно е да не врне, да не дува ветар и да нема температура пониска од 12 Целзиусови степени.

– Постапката за дезинсекција е спроведена за авионско третирање. Во континуитет, времето е нестабилно, со врнежи од дожд и ветер. Штом ќе бидат исполнети временските услови, ќе се пристапи кон авионско третирање. Постапката за третирање од земја е во тек. Исто како и во другите општини, апликантите го обезбедуваат средството – информираат градските власти.

Оттаму додаваат дека авионското третирање, согласно со спроведената постапка, ќе го изврши аероклубот „Скопје“.

Лани, Град Скопје го спроведе првото прскање против комарци подоцна, односно на 18 мај, додека во 2023 година, тоа беше спроведено на 12 април, а и претходно започнуваше во април.

Последниве години, жителите на Скопје се жалат на зголемен број комарци во текот на летниот период. Според истражувањата на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), големиот број комарци е поради тоа што се прска мала површина и тоа што е несоодветна постапката. Оттаму велат дека средството со кое се прска е добро, но во населените места не треба да се врши авионска дезинсекција, туку прскање од земја, оти само така ќе се уништат комарците.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ