Објавените извештаи сугерираат дека Ал-Хамами чекал авионот да прелета над Јордан пред да се обиде да ја преземе контролата, за да ги добие сите потребни дозволи за слетување, а потоа да удри во цел во рамките на аеродромот. Компанијата „Оман ер“, каде што работел од 2022 до 2025, го испратила во програма за дерадикализација, откако оманските власти внимателно го испитале неговото однесување на социјалните мрежи и заклучиле дека тој покажувал „прекумерен интерес за радикална идеологија“.
Копилотот на „Флај Дубаи“, осомничен за обид да го урне авионот на летот од Дубаи до Тел Авив минатата среда, наводно планирал да удри во зграда или во друго летало на аеродромот „Бен Гурион“. Според извештаите на израелските медиуми, копилотот од Оман, Хамам ал-Хамами, им го открил овој план на истражителите во Обединетите Арапски Емирати, каде што е приведен. Според овие извештаи, тој сакал да го онеспособи капетанот и да го продолжи летот како ништо да не се случило. Објавените извештаи сугерираат дека Ал-Хамами чекал авионот да прелета над Јордан пред да се обиде да ја преземе контролата. Планот бил да ги добие сите потребни дозволи за слетување, а потоа да удри во цел во рамките на аеродромот. На тој начин, тој би ги криел своите намери до последниот момент и би ја свел на минимум можноста некој да крене тревога, пренесува „Тајмс оф Израел“. Но, неговиот план бил осуетен од капетанот Смит Мачхар, кој и покрај повредите кои му ги нанел со секира за итни ситуации, успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина и да им овозможи на патниците да влезат и да го совладаат.
Според израелските медиуми, пак, Ал-Хамами во последните месеци повеќепати го посетил аеродромот „Бен Гурион“ како член на екипажот на „Флај Дубаи“. Тој наводно им кажал на истражителите дека собирал информации и се подготвувал за нападот за време на посетата во јуни. Повикувајќи се на двајца израелски функционери запознаени со текот на истрагата, „Ројтерс“, пак, објави дека копилот им рекол на истражителите во ОАЕ дека го планирал нападот пред да биде вработен во компанијата. Трет извор запознаен со истрагата тврди дека пред овој настан тој имал план да собори друг авион на лет за Тел Авив, но на крајот се откажал од таа идеја. Засега не е јасно зошто ја променил својата одлука за тој лет, но според изворот на „Ројтерс“ се претпоставува дека познавал некого што бил во авионот. Другите двајца израелски функционери рекле за агенцијата дека копилотот им кажал на истражителите дека аплицирал за работа во државната авиокомпанија „Флај Дубаи“ од Дубаи, барајќи компании што летаат до Тел Авив.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека пилотите кои се државјани на земји со кои Израел нема дипломатски односи, како што е Оман, немаат право да вршат летови до Израел, па сè уште не е јасно како копилотот воопшто бил назначен за летот до Тел Авив. Поради овој случај, Нетанјаху нареди преиспитување на правилата за странските авиокомпании што летаат до Израел.
„Волстрит џурнал“ – ВСЏ, повикувајќи се на неименувани извори објави, дека оманските власти не ја информирале авиокомпанијата „Флај Дубаи“ за тоа дека копилотот што го предизвика инцидентот имал радикални ставови. Тој претходно од 2022 до 2025 година работел за „Оман ер“, но бил суспендиран и испратен во програма за дерадикализација. Тоа се случило откако оманските власти внимателно го испитале неговото однесување на социјалните мрежи и заклучиле дека тој покажувал „прекумерен интерес за радикална идеологија“. „Флај Дубаи“ наводно спровел проверка на криминалното минато на пилотот пред да го вработи, но не контактирал со Оман за да добие информации за неговото претходно работно искуство. Според ВСЏ, властите на ОАЕ сега ги истражуваат вработените кои учествувале во процесот на регрутирање на пилоти.
Во авионот што копилотот сакал да го урне имаше околу 180 патници, главно Израелци. Патниците беа вратени во Израел со специјален лет подоцна истиот ден кога авионот принудно слета во Јордан, а капетанот и копилотот беа префрлени во ОАР – едниот на медицински третман, а другиот во притвор. Повикувајќи се на висок функционер од Емиратите, порталот „Инет“ објави дека за копилотот се бара најстрогата казна, најверојатно смртна казна.
Во меѓувреме, во Израел се води жестока расправа за овој инцидент. Актуелната министерка за сообраќај директно ја обвинуваат за безбедносни пропусти.












