Доволна е искра за вистинска катастрофа, предупреди денеска во видео порака од опжарен терен, каде се гледа само пепел и прашина, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, повикувајќи на поголема внимателност.
Ангелов, претходно денеска информираше дека активни се шест пожари низ државата, но предупреди дека состојбата е се уште алармантна, ако се земе предвид дека во текот на вчерашниот ден имало 27 пожари на отворен простор.
– Да не бил некој добар, но невнимателен човек, или некој лош, но злонамерен нечовек, оваа трева, грмушки и трње немаше да бидат пеплосани и црни. Ќе беа зелени и живи. Затоа внимавајте да не предизвикате пожар. Доволна е искра за вистинска катастрофа – изјави Ангелов.
Претходно Ангелов, информираше дека врз пожарот на Жеден, во Општина Јажинце, дејствуваат трите „ер трактори” на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во видеоизјава од самото место, Ангелов информира дека пожарот е пламнат на исклучително стрмен терен со густи грмушки, низ кои движењето е тешко.
– Од тие причини пожарникарите не може да дејствуваат, затоа денес работат трите „Ер трактори“ со концентрирано дејство на неколку точки, каде што имаме намера да го пресечеме и да не дозволиме негово ширење. На тој начин ќе воспоставиме делумна контрола, а можеме до крајот на денот и целосна контрола на овој тежок за гаснење пожар – изјави Анеглов.
Ангелов, исто така, изрази голема благодарност до тројцата многу храбри пилоти на ДЗС, кои, како што нагласи, секојдневно се на работа и пожртвувано летаат ниско над пожарите со намера да ги изгаснат и на тој начин да им помогнат на македонските граѓани.












