Новата фабрика за производство на вафли од трговската марка „винчини“, инвестиција вредна 8,5 милиони евра, компанијата „Макпрогрес“ вчера ја пушти во употреба. Генералниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, информираше дека инвестицијата од 8,5 милиони евра е реализирана со сопствени средства и кредити од комерцијалните банки, вклучително и дел од средствата обезбедени преку унгарската кредитна линија што ја овозможи Владата.
– Покрај првичните 40 вработувања, од кои дел се од постојниот кадар, а дел се нови вработувања, следната година се планираат уште 40 нови работни места, бидејќи ќе се удвои производствениот капацитет – најави Цветанов.
Објектот, како што рече, е изграден за шест месеци и располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети за домашниот и за странските пазари.
Премиерот Христијан Мицкоски најави натамошна поддршка за домашните бизниси, нагласувајќи дека е импресиониран од оваа инвестиција, особено поради фактот што „Макпрогрес“ од скромен семеен бизнис прерасна во регионален гигант со годишен промет од над 40 милиони евра.
– Компанијата е еден од темелите на македонската кондиторска индустрија. Како Влада ќе сториме сè што можеме да помогнеме вакви бизниси, особено ако се има предвид дека околу 80 проценти од производството е наменето за извоз. Ги слушнавме нивните амбиции и цели и ќе направиме сè за да бидеме додадена вредност во нивната реализација – рече Мицкоски.
Инаку, дел од фабриката „Винчини“, во септември минатата година, беше зафатен од пожар, при што беше предизвикана голема материјална штета на објектот, а изгореа и дел од готовите производи.
Отворањето на новата фабрика за производство на вафли беше реализирано за само шест месеци, со значајно учество на домашни градежни компании, инженери, проектанти и изведувачи. Објектот располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети како за домашниот пазар, така и за повеќе од 60 странски пазари на кои денес се присутни производите на „Винчини“.
Се очекува инвестицијата да даде значаен придонес кон економскиот развој на регионот и да отвори нови можности за младите кадри. Новата фабрика ќе овозможи зголемување на производствените капацитети на „Винчини“ за околу 30 проценти, како и значително зголемување на извозот и присуството на меѓународните пазари.












