понеделник, јуни 8, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Струјата, од следната година, би можела да поевтини за 5 до 10...

Струјата, од следната година, би можела да поевтини за 5 до 10 проценти, најави Мицкоски

39

Граѓаните од следната година би можеле да плаќаат од 5 до 10 проценти пониска цена на електричната енергија, најави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, Владата во соработка со ЕВН Хоум и државната компанија ЕСМ подготвува ново потрошувачко портфолио кое треба да овозможи поевтина струја преку поголемо користење на електрична енергија произведена од обновливи извори.

Како што појасни Мицкоски, Владата ги подготвува сите потребни анализи и индикатори за на крајот од годината да биде распишан огласот, а ефектите да се почувствуваат веќе од следната година.

– Практично ги подготвуваме сите индикатори за на крајот од годината да може да се распише огласот и веќе од следната година да обезбедиме, можеби еден од ретките случаи во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до 5 проценти, а можеби и повеќе, пониска цена на електричната енергија. Тоа е нешто што досега не се случило. Ќе ги искористиме поволностите од обновливите извори на енергија, пред сѐ сончевата енергија, и во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија која, јас сум умерен оптимист, би била од 5 до 10 проценти пониска од сегашната – рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека една од клучните цели на Владата е до крајот на годинава, Македонија првпат да стане нето-извозник на електрична енергија.

– Добро е што и државната ЕСМ се консолидира. Очекувам во првата половина од годината, првпат по подолг период, компанијата да прикаже позитивни резултати. Од загубата од околу 150 милиони евра што ја наследивме, очекувам да завршиме со добивка од шест до седум милиони евра – изјави Мицкоски.

Осврнувајќи се на проектите за обновливи извори на енергија, премиерот рече дека голем дел од нив се веќе реализирани, но посочи дека во минатото биле носени одлуки со кои соларни електрани биле градени на висококвалитетно земјоделско земјиште.

– Веќе подготвивме законско решение со кое ваквите проекти, во иднина, нема да можат да се градат на земјиште од прва до четврта категорија. Сакаме истовремено да ги поттикнуваме инвестициите во обновливите извори на енергија, но и да го заштитиме земјоделското производство – нагласи Мицкоски.

Тој најави и напредок на изградбата на големиот ветерен парк што ќе се простира на територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш. Според него, финансиската конструкција за проектот, вреден околу половина милијарда долари, е целосно затворена, а веќе се започнати и теренските активности.

Дополнително, Владата разговара со истиот инвеститор за реализација на уште еден сличен проект во североисточниот дел од државата, со инвестиција од приближно иста вредност.

Мицкоски посочи и дека состојбата со акумулациите е значително подобрена во однос на минатата година. Додека во јуни 2024 година тие биле исполнети со само седум проценти од капацитетот, денес нивото достигнува околу 80 проценти.

– Сезоната за наводнување веќе два месеца непречено се одвива во хидросистемот „Брегалница“, од Калиманци до Лозово. Нема рестрикции и сите корисници навремено добиваат вода. Тоа значи дека очекуваме добар род и успешна земјоделска година. Чекор по чекор ги решаваме проблемите што со години се таложеле – изјави премиерот.

ИЗДВОЕНИ