вторник, ноември 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Eдукативни работилници за превенција од врсничко насилство за средношколците во Струмица

Eдукативни работилници за превенција од врсничко насилство за средношколците во Струмица

22

Психолозите од средните училишта во Струмица, во соработка со локалната самоуправа и со надлежните институции, ќе организираат едукативни работилници за средношколците од сите години во средните училишта. Работилниците ќе бидат насочени кон препознавање и спречување на врсничкото насилство и на насилството врз жените, соопштија од Општината.

Оваа иницијатива била поведена на работната средба на градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, со психолозите од средните училишта и со директорката на Центарот за социјални работи – Струмица, на која се разговарало за потребата од навремена едукација на младите, особено во периодот на адолесценцијата, кога ги воспоставуваат своите први емотивни и партнерски врски.

– Целта е преку интерактивни работилници младите да научат да ги препознаваат облиците на насилство, да ги разберат сопствените права и лични граници, да градат здрави односи и да се запознаат со механизмите на заштита и на институционална поддршка – се наведува во соопштението од Општина Струмица.

Предвидено е да се формира работно тело составено од неколкумина психолози или семејни терапевти, кои, во соработка со Центарот за социјални работи – Струмица и со психосоцијалното советувалиште, ќе ги подготват програмата и содржините на работилниците. Нивната реализација се планира кон крајот на ноември, во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените“.

– Младите се крвотокот на секое општество. Тие го одржуваат, движат и обновуваат животот во нашата заедница и наша заедничка обврска е да им обезбедиме услови во кои ќе може безбедно да растат, да се развиваат и да ја осмислуваат и обликуваат својата иднина. Затоа мораме да ги научиме како да ги препознаваат нездравите односи, како да ги поставуваат своите граници и како да се заштитат од насилството. Најважно, да знаат дека секогаш имаат кому да му се обратат – наведува градоначалникот Јанков.

Тој додава дека со ова Општина Струмица ја нагласува важноста на превенцијата, едукацијата и на меѓуинституционалната соработка во создавањето безбедна средина за младите, во која секој ќе може да живее без страв од насилство.

 

ИЗДВОЕНИ