петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТАРЕЦ НАЈАВИ ТРАНСПАРЕНТНОСТ и квалитетно решение ЗА НОВИОТ ЗАКОН: Без брзање...

ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТАРЕЦ НАЈАВИ ТРАНСПАРЕНТНОСТ и квалитетно решение ЗА НОВИОТ ЗАКОН: Без брзање за законот за правична застапеност – Гаши најавува широка јавна и експертска дебата

– Ќе иницирам, ќе предложам и ќе мотивирам да се организира јавна дебата. Првпат по 25 години откако е донесен Рамковниот договор, се носи таков закон и би било добро да го реализираме од сите аспекти. Може да почекаме уште неколку недели – изјави Гаши денеска

81

На донесувањето на новиот закон за соодветна и правична застапеност да му претходи широка дебата за да се дојде до квалитетно решение. Ваква заложба денеска искажа претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, на редовниот брифинг со новинарите, наведувајќи дека сè уште го чекаат предлогот од Владата за да почнат со процедурата на собраниско усвојување. Гаши наведе дека неодамна имал средба со претседателите на собраниските комисии, каде што се договориле да се организираат што повеќе дебати со експерти во рамките на процедурите за усвојување на новите закони. Собранискиот спикер особено ќе се заложи за такви дебати кога ќе пристигне законскиот текст, кој треба да го регулира вработувањето во јавните служби на припадниците на етничките малцинства во земјава.

– Ќе иницирам, ќе предложам и ќе мотивирам да се организира дебата. Првпат по 25 години откако е донесен Рамковниот договор, се носи таков закон и би било добро да го реализираме од сите аспекти. Неблагодарно е да се прогнозира кога би се донел бидејќи тоа зависи од многу фактори. Би сакал дебатата да биде широка, повеќедимензионална, експертска, да биде почитувана процедурата и да се изрази волјата на пратениците. Треба да има повеќе отвореност, „инпути“, анализи. Ако може да го подобриме законот и со амандманите, би било во полза на законот. Идејата е да донесеме квалитетен закон, оти кај сме чекале 25 години, може уште неколку недели до почекаме. Барем таа димензија од Уставот да биде почитувана со квалитетен закон – нагласи Африм Гаши.

На прашањето какво Бадентерово мнозинство ќе се бара при усвојувањето на новиот закон, тој одговори дека околу тоа ќе се изјаснат надлежните собраниски служби.

Македонската Влада неодамна ја усвои верзијата на законот, која доби и позитивно мислење од Венецијанската комисија. Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, тогаш соопшти дека стручноста и компетентноста ќе бидат примерен, а припадноста кон подзастапена заедница – секундарен критериум за вработување во јавниот сектор. Во законот, според сознанијата, се предвидува граѓаните при вработување во јавната администрација доброволно да се изјаснат за етничката припадност, но може и да не се изјаснат на која заедница ѝ припаѓаат. За да се спречи злоупотреба од арбитрарно изјаснување, ќе се земаат податоците од личните документи на граѓаните, односно личното име запишано во личната карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган. Диференцијалниот третман за остварување и унапредување на соодветната и правичната застапеност на подзастапените заедници, со цел обезбедување ефективна еднаквост, нема да се смета за дискриминација. Односно, диференцијалниот третман се применува меѓу кандидатите со еднакви квалификации, искуство и професионални способности, со цел да се обезбеди ефективна еднаквост, без да се наруши принципот на компетентност. Предвидено е и постоење на посебно координативно тело што ќе го следи и ќе го оценува спроведувањето на правата на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници, како и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. Сите надлежни органи ќе имаат обврска да достават податоци и информации поврзани со состојбата со застапеноста на граѓаните што припаѓаат на сите заедници.

Опозициската партија ДУИ веќе најави дека ќе гласа против ваквото законско решение и дека тоа претставува регрес. Оваа партија забележува и тоа дека нема обврска институциите да ги идентификуваат граѓаните по етничка основа при вработувањето, ниту, пак, се предвидени казни за непочитување на одредбите. (Б. Ѓ.)

Анкетната комисија за „Пулс“, модуларната болница, „Дурмо турс“ и за „Беса транс“ нема кој да ја договори

Формирањето на анкетната комисија за случаите „Пулс“, „Модуларна болница“, „Дурмо турс“ и „Беса транс“ и натаму е парализирано во македонското Собрание. Причина е што парламентарните партии и собранискиот спикер, Африм Гаш,и имаат различни ставови околу тоа како треба да се изберат нејзините членови. Партите што треба да ги предложат членовите чекаат на официјален допис од парламентарниот спикер, но Гаши возвраќа на ова дека веќе нема надлежност да го бара тоа од нив. Формирањето на комисијата е изгласано во декември минатата година.

– Тоа веќе не е во моја надлежност. Тоа им го кажав и на медиумите и на координаторите на пратеничките групи. Тие треба да испратат предлози за свои членови до Комисијата за избори и именување. Таму ќе се формира анкетната комисија. Владејачките партии инсистираат прво да заврши со работа постојаната анкетна комисија за случајот во Кочани. Јас не можам да се мешам во политичката волја на пратеничките групи – објасни вчера Африм Гаши.

ИЗДВОЕНИ