Жителите на скопската населба Капиштец најавија мирен протест што ќе се одржи утре, 11 јуни, во 19 часот, кај кошаркарското игралиште во населбата, како реакција на, како што велат, континуираната бучава од угостителските објекти.
Протестот е организиран од граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, која преку социјалните мрежи упати повик до жителите да излезат и да го изразат незадоволството.
„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, наведуваат организаторите во повикот за протест.
Жителите бараат почитување на законските прописи, редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и заштита на јавниот ред и мир во населбата. Според нив, протестот има цел да обезбеди „мирен и безбеден Капиштец за сите жители и нивните деца“, при што нагласуваат дека не бараат привилегии, туку доследна примена на законите.
Од иницијативата посочуваат дека проблемот со бучавата трае со години и е најизразен во вечерните и ноќните часови, кога гласната музика од локалите и собирањето на поголеми групи луѓе во јавниот простор го нарушуваат секојдневието на жителите.
Капиштец, како една од најгусто населените населби во Скопје, во последните години сè почесто е во фокусот на јавноста поради поплаките за бучава, која жителите ја оценуваат не само како комунален, туку и како сериозен здравствен и еколошки проблем.












