ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО 2035: Над 350 светски експерти ја споделија својата визија – како би изгледал светот за 10 години – Трета светска војна не е најголемата закана

261

Светските експерти опишуваат како ќе изгледа светот во 2035 година: „Третата светска војна не е единствената грижа“

Голем број меѓународни аналитичари сметаат дека Третата светска војна е неизбежна и може да започне во следните десет години. Според истражувањето на аналитичкиот центар Атлантскиот совет, дури 40,5 отсто од 357 анкетирани политички стратези и експерти за глобалните трендови веруваат дека до 2035 година ќе избие голем конфликт меѓу светските сили, како што се САД, Кина или Русија, пренесува Atlanticcouncil.org

Повеќето предвидувачи за нова светска војна предупредуваат дека конфликтот може да вклучи нуклеарно оружје и војна во вселената. Посебно загрижува формирањето на американските вселенски сили во 2019 година, што многумина го гледаат како чекор кон идните воени операции надвор од атмосферата на Земјата.

На официјалната веб-страница на Вселенските сили се наведува дека нивната мисија е да обезбеди „борбена готовност во вселената, надвор од вселената и во вселената“, сугерирајќи дека вселената ќе стане нова клучна арена на конфликти.

Климатските промени – уште поголема закана од војната?

Покрај заканата од глобален конфликт, климатските промени се вториот најчесто споменуван ризик за иднината на човештвото. Според истражувањето, 29,9 отсто од испитаниците веруваат дека климатските промени се најголемата закана за глобалната стабилност меѓу 2025 и 2035 година, додека 27,6 отсто од нив ја наведуваат можната војна меѓу светските сили како најголем предизвик.

И покрај честите дебати за безбедносните закани, научната заедница во голема мера се согласува дека човечките активности се главната причина за глобалното затоплување. Експертите за клима предупредуваат дека се почестите деструктивни бури и пожари се резултат на овие промени, а нивното влијание се очекува да биде уште посилно во иднина.

Сепак, постои трошка оптимизам – повеќе од 51 отсто од испитаниците веруваат дека до 2035 година ќе има поголема глобална соработка за ублажување на климатската криза.

САД ја губат доминацијата, а Кина гради нов глобален сојуз?

Истражувањето предвидува и пад на американската економска и дипломатска моќ во следната деценија. Само 49 отсто од испитаниците веруваат дека САД ќе продолжат да бидат најголемата економска сила во светот до 2035 година, што е помалку од 52 отсто минатата година.

Покрај тоа, речиси половина од испитаниците (47,4 проценти) предвидуваат дека Кина ќе предводи нова глобална алијанса, во која би можела формално да се поврзе со Русија, Иран и Северна Кореја.

Кина, Русија и Иран веќе се дел од БРИКС, меѓународна организација која обединува десет земји. Експертите веруваат дека БРИКС може да стане сериозен конкурент на алијансата Г7, во која се Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД.

Дали Кина ќе го нападне Тајван, а Русија ќе војува со НАТО?

Кога станува збор за потенцијални воени конфликти, истражувањето покажува дека 65 отсто од испитаниците веруваат дека Кина ќе се обиде да го нападне Тајван во следните десет години. Ова е зголемување од 15 проценти во однос на минатогодишното истражување.

Истовремено, 45 отсто од експертите сметаат дека Русија би можела да влезе во директен воен конфликт со НАТО до 2035 година.

Меѓу оние кои очекуваат нова светска војна во следната деценија, 69 отсто веруваат дека ќе има директен конфликт меѓу Русија и НАТО.

Блискиот исток – нема големи промени, но со можни нови сојузи

Во регионот на Блискиот Исток, истражувањето предвидува продолжување на израелско-палестинскиот конфликт без значителни случувања. Повеќе од 62,5 отсто од испитаниците веруваат дека Израел ќе ја задржи контролата врз палестинските територии до 2035 година.

Но, анкетата, исто така, сугерира дека Израел би можел да ги нормализира односите со Саудиска Арабија – повеќе од 56 отсто од експертите веруваат дека тоа ќе се случи во следните десет години.

Од друга страна, само 17 отсто од испитаниците веруваат дека во тој период ќе се формира суверена и независна палестинска држава, додека помалку од 10 отсто сметаат дека Израел ќе воспостави пријателски односи со Иран.

Светот во неизвесна деценија

Генерално, истражувањето на Атлантскиот совет дава песимистичка слика за иднината. Повеќе од 62 отсто од експертите сметаат дека светот ќе биде во полоша состојба отколку што е денес, додека само 38 отсто очекуваат подобрување на глобалната ситуација.

Иако многу аналитичари предупредуваат на потенцијална глобална војна, има и такви кои веруваат во позитивното влијание на технолошкиот развој. 58 отсто од испитаниците се оптимисти за напредокот на вештачката интелигенција, верувајќи дека тоа ќе донесе повеќе придобивки отколку штета за глобалните настани.

Без разлика на различните прогнози, едно е јасно – до 2035 година светот ќе влезе во крајно нестабилен и непредвидлив период, во кој клучна улога ќе имаат геополитичките тензии, климатските промени и технолошкиот напредок.

 

ИЗДВОЕНИ