Повикувајќи се на известувањето од хрватското МНР, весникот ВЕЧЕР направи водич за професионалните возачи со посочување на документите што им се потребни за апликација – пополнет и потпишан образец за виза Д, важечки пасош и фотографија, како и возачка дозвола од соодветната категорија. Возачите треба да достават и договор за работа и потврда за пензиско осигурување, а зависно од видот на превозот, и доказ за транспортниот ангажман и деловната соработка со хрватска компанија. Задолжително е и патничко здравствено осигурување за целиот престој, со важност во Шенген-зоната и покритие од најмалку 30.000 евра. Постапката може да трае до 45 дена, па од хрватското МНР советуваат документите да се подготват и да се поднесат навреме

 

Од утре, професионалните возачи на товарни возила и на автобуси од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора ќе имаат можност да поднесуваат барања за долгорочна хрватска виза (виза Д), со која им се овозможува времетраење на престојот до една година (најмногу 365 дена). Оваа мерка се однесува на возачи кои се државјани на трети земји на кои не им е потребна краткорочна виза Ц за влез во Република Хрватска, а кои вршат меѓународен транспорт на стока или патници.

Според известувањето објавено на официјалниот сајт на Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, визата Д може да се издаде за еден или за повеќе влезови. Постапката за обработка на барањето може да трае до 45 дена, па затоа се советува навремена подготовка на документацијата.

Важно е да се спомне дека оваа виза го олеснува статусот и овозможува движење без отворање профил во системот Влез/Излез исклучиво во Република Хрватска. Хрватската виза Д не го укинува автоматски правилото 90/180 за останатите земји од Шенген-зоната. Доколку возачот врши транспорт или транзитира низ други Шенген-држави, за нив и понатаму важи ограничувањето од престој до 90 дена во кој било период од 180 дена.

Весникот ВЕЧЕР направи детален водич за аплицирање за хрватска виза Д. Според упатството од хрватското МНР, барањето се поднесува најрано 2 месеца, а најдоцна 30 дена пред планираниот почеток на транспортот. За поднесување на документите, професионалните возачи имаат три опции: лично пред влез во Хрватска, потоа во надлежната дипломатско-конзуларна канцеларија (амбасада или генерален конзулат, како што е Конзуларното одделение во Скопје) или преку визен центар на ВФС Глобал.

Папката со потребната документација за возачи на товарни возила (камиони) треба да содржи: пополнет и своерачно потпишан образец за долгорочна виза Д, важечки пасош со најмалку 2 празни страници, издаден во последните 10 години, со важност најмалку 3 месеци подолга од бараната виза, како и една фотографија во боја со димензии 35 × 45 милиметри. Стручната способност возачот ја докажува со важечка возачка дозвола од соодветна категорија (Ц или ЦE). Исто така, треба да се достави и договор за работа со фирма од матичната страна (трета земја) и потврда за пријавено пензиско осигурување, како и доказ за деловна соработка меѓу матичната транспортна фирма и правно лице од Хрватска (договор за деловна соработка, договор за испорака, нарачка и слично). Составен дел на потребните документи треба да биде и потврдата дека возачот е ангажиран за испорака на стока/материјали во Хрватска или од Хрватска кон трета земја (налог за транспорт, ЦМР – меѓународен товарен лист), како и дополнителни документи (доколку се бараат), како лиценца за превозник, извод од регистар за вршење меѓународен патен транспорт и задолжително патничко здравствено осигурување со полиса која го покрива целиот период на планираниот престој во Хрватска, важи за целата Шенген-зона и има минимална покриеност од 30.000 евра. Доколку е применливо, возачот треба да дозволи да му бидат земени отпечатоци од прсти.

Долгорочна хрватска виза Д може да побараат и професионални возачи на автобуси. Во нивната документација за аплицирање треба да има пополнет образец за виза Д, пасош (со важност +3 месеци од визата) и фотографија (35 × 45 мм). Стручната оспособеност ќе ја докажуваат со возачка дозвола од соодветна категорија (Д или ДE). Треба да достават и договор за работа, потврда за пензиско осигурување и доказ дека компанијата е регистрирана за редовен меѓународен линиски превоз на патници (извод од регистар на превозници). Исто така, треба да се  достави и документација која потврдува ангажман на редовна меѓународна линија меѓу Хрватска и третата земја (возен ред, договор за линијата, работен налог). Задолжително е и патничко здравствено осигурување за Шенген-зоната (минимално 30.000 евра) за целиот престој и земање отпечатоци од прсти.

Инаку, трошоците за пријавување не се бесплатни. Визната такса изнесува 93 евра по апликација. Доколку барањето се поднесува преку визен центар на ВФС Глобал, се плаќа и дополнителен надоместок за услугата на центарот.

Од хрватското МНР нагласуваат дека еден од најважните детали за возачите е тоа што хрватската виза Д не значи автоматско укинување на правилото 90/180 во другите држави од Шенген-зоната, бидејќи оваа виза овозможува движење без отворање профил во системот ЕЕС (Влез/Излез) само во Хрватска. Доколку транспортот се врши во друга држава од Шенген-зоната, се отвора профил во системот ЕЕС (Влез/Излез). Истото правило се применува и во случај на туристичка или приватна посета на друга држава. За престој во сите други држави од Шенген-зоната и понатаму важи правилото од 90 дена во кој било период од 180 дена.

Тоа значи дека новата можност треба да го олесни статусот на професионалните возачи при влезот и престојот во Хрватска, но сама по себе не претставува дозвола за неограничен престој во другите држави од Шенген-зоната. Од Транспортната заедница минатата недела укажаа дека засега нема брзо и едноставно решение на ниво на цела ЕУ. Директорот на Постојаниот секретаријат, Таилас Линкаитс, истакна дека има повеќе предлози, но за нив е потребна согласност од земјите членки на Унијата. Затоа, според него, како најбрзо решение во моментов се гледаат билатералните договори: секоја земја од Западен Балкан да разговара со конкретни земји од ЕУ и да обезбеди полесен режим за своите професионални возачи.

Македонија веќе тргна по тој пат. Освен со Хрватска, Владата досега има постигнато договори со Швајцарија и со Романија, а се разговара и со Австрија, Германија и со Словенија.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ