Македонското еколошко друштво (МЕД) е еден од шесте партнери што, преку проектот „Избери наука! Градење општество преку истражување и иновации“, ја вброија нашата меѓу земјите во Европа каде што истовремено ќе се слават науката, иновациите и откритијата. Иницирана од Европската комисија во 2005 година, Европската ноќ на истражувачите е јавен настан што се одржува секој последен петок во септември, истовремено низ Европа, со цел да ги зближи истражувачите и граѓаните преку практични и едукативни научни активности. За официјалното отворање, вратите ќе ги отвори МАНУ, на 24 септември во 11:00 часот, кога ќе се одржи дискусија за влијанието на новите технологии и на вештачката интелигенција врз начините на истражување. Притоа, сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат и да им постават прашање на присутните истражувачи во областите на енергетиката, вештачката интелигенција, дијалектните атласи и на биолошката разновидност
Над 85 интерактивни активности во четири македонски града носи програмата за Европската ноќ на истражувачите, која на 25 септември првпат ќе се одржи и кај нас. Македонското еколошко друштво (МЕД) е еден од шесте партнери што, преку проектот „Избери наука! Градење општество преку истражување и иновации“, ја вброија нашата меѓу земјите во Европа каде што истовремено ќе се слават науката, иновациите и откритијата.
Иницирана од Европската комисија во 2005 година, Европската ноќ на истражувачите е јавен настан што се одржува секој последен петок во септември, истовремено низ Европа, со цел да ги зближи истражувачите и граѓаните преку практични и едукативни научни активности. Така, освен што ја прави науката подостапна и покажува како го подобрува таа нашиот секојдневен живот, оваа иницијатива ги инспирира младите луѓе да истражуваат кариери во науката, технологијата, инженерството и во иновациите.
Покрај МЕД, во организацијата на овдешната Европска ноќ на истражувачите се вклучени и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење и универзитети.
За официјалното отворање, вратите ќе ги отвори МАНУ на 24 септември во 11:00 часот, кога ќе се одржи дискусија за влијанието на новите технологии и на вештачката интелигенција врз начините на истражување. Притоа, сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат и да им постават прашање на присутните истражувачи во областите на енергетиката, вештачката интелигенција, дијалектните атласи и на биолошката разновидност. Токму за последнава област, присутните ќе може да поразговараат со д-р Диме Меловски, биолог и раководител на Програмата за диви видови во МЕД.
Програмата е исклучително богата и нуди речиси 90 интерактивни експерименти и научни демонстрации, демонстрации на вештачка интелигенција и виртуелна реалност, граѓанска наука и еколошки работилници, изложби, научни игри, натпревари и јавни предавања, кои ќе се одржат во Скопје, Охрид, Битола и во Штип.
Меѓу нив се и работилниците што ги организира МЕД во рамките на својата Мрежа за искуствено учење (МИУ): работилницата „Размножување на растенијата“ во Ботаничката градина, работилницата „Живите организми и нивната животна средина“ во Хидробиолошкиот институт и работилницата „Одделување органски и неоргански материи од загадени води и органски отпад“ во биотехнолошката лабораторија БИО-ХАК при ДСУ „Марија Склодовска-Кири“.
Во пресрет на Европската ноќ на истражувачите, исто така, во рамките на МИУ, МЕД организира и две онлајн-предавања за учениците од петто до деветто одделение. Првото се одржа на 21 септември, на тема „Системот на заштитени подрачја во Македонија: Национален парк ‘Галичица’“, а второто е закажано за денеска и ќе биде со фокус на екосистемите во Малешевијата.
– Науката е за сите, па затоа сите настани се бесплатни и отворени за буквално сите заинтересирани и љубопитни очи – од ученици, родители и наставници до истражувачи и претприемачи – велат од МЕД.
Проектот „Избери наука! Градење општество преку истражување и иновации” е финансиран од Европската Унија, преку програмата „Хоризонт Европа“ и е поддржан од акциите „Марија Склодовска-Кири“ (MSCA).












