четврток, февруари 26, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА До 31 јануари се поднесуваат барања за признавање расход во даночниот биланс...

До 31 јануари се поднесуваат барања за признавање расход во даночниот биланс за 2024

72

Даночните обврзници на данокот на добивка и вршители на дејност кои водат деловни книги, доколку во текот на 2024 година имаат средства што понатаму не можат да се користат, односно се трајно надвор од употреба, а кои имаат нето сметководствена вредност, најдоцна до 31 јануари 2025 година до УЈП треба да поднесат: Барање согласност за признавање на расход во даночен биланс за данок на добивка (образец “ДД-БС”) електронски преку преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/, како и Барање согласност за признавање на расход од работењето на даночниот обврзник во даночен биланс за данок на доход (образец “ДЛД-БС”) електронски преку https://e-ujp.ujp.gov.mk

– Под средства што се трајно надвор од употреба се сметаат: средствата што се уништени или оштетени поради виша сила како и од други непредвидливи настани, физичка дотраеност или техничка застареност; средствата што повеќе од една година непрекинато не ги користите, а нивното ставање надвор од употреба не е поради поправка или доградба; средствата што се во фаза на набавка, а чија набавка, со одлука или со друг акт е откажана или три години едноподруго не се вложуваат средства за довршување на таа набавка, и средствата што во последните пет години непрекинато ги користите помалку од 30% од нивниот програмиран капацитет.
Барањето ДД-БС и ДЛД-БС се поднесува со цел преостанатата сметководствена вредност на средствата да се амортизира во целина независно од пропишаниот век на траење и таквата амортизација во целина да влезе како признат расход при утврдување на даночната основа за данокот на добивка односно данок на личен доход – информираат од УЈП.

Во прилог на барањето ДД-БС задолжително се поднесува: список на средства кои не можат понатаму да се користат.

– Во списокот треба да се содржани следните податоци: назив на средството кое се отпишува, инвентарен број, амортизациона група и подгрупа на која средството припаѓа, набавна вредност, исправка на вредност и сегашна вредност на средствата што се отпишуваат со состојба на 31 декември 2024 година. Се поднесува и Акт со кој се уредува начинот на пресметување на амортизацијата, потоа Одлука за усвојување на извештајот за попис и евидентирање на утврдените разлики, донесена од органот на управување на друштвото односно од обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, како и Изјава дека средствата не можат понатаму да се користат во која се наведува причината поради која истите не може да се користат – велат од УЈП.

ИЗДВОЕНИ