За само неколку дена значително се зголеми процената за недостигот на приходи во државниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека кусокот поради намалените приходи од акцизите и ДДВ може да достигне меѓу 7 и 8 милијарди денари, односно до околу 130 милиони евра.

Само минатата среда процената беше пониска. Тогаш Мицкоски зборуваше за недостиг од 6 до 7 милијарди денари, што е околу 97 до 113 милиони евра. Новата процена покажува дека е зголемен очекуваниот недостиг во приходите за неколку милијарди денари.

Премиерот денеска најави дека до крајот на месецов треба да заврши процедурата за новиот ребаланс на буџетот. Тоа ќе биде второ прекројување на државната каса годинава откако кон крајот на јули беше донесен првиот ребаланс. Причина за намалените приходи, според Мицкоски, се владините мерки за намалување на акцизите и ДДВ за горивата. Со овие мерки Владата настојува да ги задржи цените на бензинот и на дизелот на ниско ниво, со цел да се намали притисокот врз граѓаните и врз компаниите.

– Се намалуваат и расходите и приходите, бидејќи кај приходната страна имаме помалку 7-8 милијарди денари. Тоа е резултат на намалените акцизи, односно намалените приходи од акцизите и намалените приходи од намаленото ДДВ – изјави Мицкоски при посетата на Теарце.

Тој не прецизираше од кои ставки ќе се кратат расходите и кои буџетски корисници би можеле да добијат помалку средства. Сепак, нагласи дека приоритет на Владата остануваат зачувувањето на животниот стандард на граѓаните и одржувањето ниска инфлација.

Мицкоски повторно порача дека Македонија останува меѓу земјите со најниски цени на дизелот и на безоловниот бензин во регионот. Според него, горивата се поевтини за 25 до 50 центи во однос на земјите од регионот. Но, според него, пониските цени на горивата имаат и своја цена за државниот буџет, затоа што државата собира помалку приходи, а токму тој ефект сега се проценува на 7 до 8 милијарди денари.

На владината политика вчера реагираше и ЛДП. Од партијата побараа Владата да најде начин за поврат на ДДВ за горивата и да ги насочи средствата кон оние на кои им се најпотребни: граѓаните, превозниците, транспортерите, шпедитерите и домашниот бизнис.

Дополнително прашање е дали со новиот ребаланс ќе има промени и кај буџетскиот дефицит. Со ребалансот од јули, вкупните приходи беа проектирани на 379,5 милијарди денари, додека расходите достигнаа 425,8 милијарди денари. Дефицитот беше утврден на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 отсто од БДП.

До средината на септември, според достапните податоци, остварениот буџетски дефицит веќе се приближил до годишно планираниот износ. Економистите предупредуваат дека доколку продолжи таквата динамика на трошење, дефицитот до крајот на годината би можел да биде под дополнителен притисок.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, претходно изјави дека до крајот на годината не се очекува промена на проекцијата за економскиот раст, буџетскиот дефицит и задолжувањето. Како и да е, до крајот на овој месец ќе биде познато од каде ќе се надомести намалувањето на приходите, каде ќе се скратат расходите и дали ќе остане непроменета проекцијата за буџетскиот дефицит.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ