Дизелот во Германија повторно поскапе и стигна до рекордни 2,471 евро за литар. Само ден претходно литар се продаваше за 2,453 евра. За полн резервоар од 50 литри, возачите сега треба да издвојат дури 123,55 евра, а најголемиот удар го трпат оние кои секојдневно се зад волан.

Германските транспортни компании веќе кренаа глас и со отворено писмо му се обратија на канцеларот Фридрих Мерц. Тие предупредуваат дека скапото гориво сериозно ги крева трошоците и особено ги притиска малите и средните превозници, кои работат со релативно ниски маржи.

Од Сојузното здружение за патен транспорт, логистика и рециклирање (БГЛ) велат дека работата не е за потценување. Според нивните пресметки, фирма со околу 50 камиони може за една година да добие дополнителни трошоци од седумцифрена сума само поради поскапувањето на горивото. Затоа бараат Владата да преземе конкретни мерки и да им го олесни финансискиот товар на превозниците.

Причините за новиот ценовен удар се бараат во воената ескалација на Блискиот Исток и Персискиот Залив, која ги зголеми цените на суровата нафта. Дополнителен проблем се и дефектите и оштетувањата на енергетските постројки, кои го отежнуваат снабдувањето. Од АДАЦ, сепак, посочуваат дека само цената на нафтата и курсот на еврото не можат целосно да ги објаснат рекордните цени на германските пумпи.

Додека дизелот оди нагоре, бензинот благо поевтини и сега чини околу 2,308 евра за литар. Германската Влада најавува помош, но во коалицијата сè уште нема договор како таа да изгледа. Се разгледува намалување на данокот или ДДВ-то на горивото, а се спомнува и поевтинување од 21, 23 или 25 центи за литар. Финансискиот министер Ларс Клингбајл, пак, предлага европски данок на вишокот профит на нафтените компании.

Во меѓувреме, возачите се снаоѓаат како знаат. Тие советуваат дизелот да се точи пред пладне, кога цените најчесто се пониски. Сметаат дека е иплатливо да се избегнуваат пумпите на автопат, бидејќи таму горивото обично е поскапо. За превозниците, сепак, секој нов скок на дизелот значи уште една голема сметка.

ИЗДВОЕНИ