Од полноќ стапуваат на сила новите, повисоки максимални малопродажни цени на нафтените деривати, откако Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување на цените во просек за 4,85 проценти.
Новите цени ќе важат од 18 август во 00:01 часот.
Најголемо поскапување има кај дизелот. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) поскапува за 6,50 денари за литар, па неговата максимална малопродажна цена ќе изнесува 98 денари за литар.
Бензините поскапуваат за по 4,50 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 91,50 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 93,50 денари за литар.
Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за 6 денари, односно новата максимална цена ќе изнесува 98,50 денари за литар.
Кај мазутот зголемувањето е 0,188 денари за килограм, со што новата максимална цена ќе биде 43,726 денари за килограм.
Според РКЕ, зголемувањето е последица на повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во однос на претходната пресметка, референтните цени пораснале за 8,983 проценти кај бензините, 10,979 проценти кај дизелот, 9,801 процент кај екстра лесното масло и 0,871 процент кај мазутот.
Во пресметката е земен предвид и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,2247 проценти.
РКЕ продолжува со примената на намалената акциза од 2 денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98, како и намалената акциза од 4 денари за литар кај ЕУРОДИЗЕЛ.
Утврдените цени се максимални малопродажни цени, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.












