Просторот покрај реката Вардар, на патот кон селото Рашче, место што до вчера беше запуштено, претворено во дива депонија, сега се чисти и се подготвува да прерасне во модерен парк.
Како што најави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, просторот хортикултурно и партерно ќе се уреди, а ќе има и зелени површини, како и содржини за рекреација, одмор и дружење на жителите од овој дел на Сарај.
Воедно, градските власти обелоденија дека наскоро ќе почнат и со реконструкција на мегапаркот во Сарај, кој, како што нагласија, со децении бил оставен во негрижа.
– Ова место има природна убавина, има потенцијал и заслужува грижа. Не заслужува отпад, запуштеност и заборав, туку живот, зеленило и простор во кој ќе уживаат граѓаните. Вложуваме во секој дел од Скопје, затоа што сите наши сограѓани заслужуваат еднакви услови, уредена околина и подобар квалитет на живот – истакна Ѓорѓиевски, потсетувајќи дека обврска на сите е да го чуваат секој уреден простор како свој дом.












