вторник, ноември 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Илија Андовски назначен за главен администратор во Алта банка Битола

Илија Андовски назначен за главен администратор во Алта банка Битола

1

Илија Андовски е назначен за овластено лице кое ќе ги потпишува одлуките во рамките на тримесечната администрација во „Алта банка“ АД Битола, откако Народната банка на 1 ноември 2026 година донесе решение за воведување принудна администрација во финансиската институција. Заедно со Андовски, за администратори се именувани и Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, сите тројца вработени во Народната банка. Тие ги преземаат надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлуките за зголемување на капиталот.

Администраторите во рок од 21 ден треба да ја утврдат фактичката состојба во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.

Воведувањето администрација следува по случувањата во Србија, каде што Народната банка на Србија на 30 октомври ѝ ја одзела дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, која била мнозински сопственик на битолската банка со 95,336 проценти од акциите.

Поради новонастанатата состојба, македонската Народна банка ја повлекла претходно издадената согласност за квалификувано учество на српската банка во битолската финансиска институција. Со новите мерки се воведуваат сериозни ограничувања за клиентите. Физичките лица ќе можат да вршат одливни трансакции во земјата до најмногу 10.000 денари неделно, додека за правните лица се забрануваат одливните плаќања, освен во определени исклучителни случаи. Забранети се и плаќањата кон странство, предвременото повлекување на орочените депозити, одобрувањето нови кредити и исплатите по претходно одобрени кредитни изложености.

Одлуката за администрација, како што се наведува во образложението, има цел да ги заштити доверителите и имотот на банката, но и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем.

Тримесечниот период започнува да тече од денот кога решението ќе ѝ биде доставено на „Алта банка“ Битола.

ИЗДВОЕНИ