| Тезите за „таен договор“ со Британија предизвикаа политички реакции |
Британскиот амбасадор Метју Лосон јавно и недвосмислено кажа дека не постои договор за прифаќање мигранти од Обединетото Кралство и нема да се градат центри за мигранти, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција. Мицкоски посочи дека изминатиот период земјава била изложена на опозициска кампања дека се договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство, која е демантирана од британската дипломатија. Со ова, рече прмеиерот, паѓа целата конструкција што со месеци опозицијата се обидувала да ја наметне во јавноста, без ниту еден документ и доказ. Ваквиот начин на функционирање врз основа на шпекулации и сензационализам, со цел да се создаде паника кај граѓаните, посочи прмеиерот, е еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на Венко Филипче.
-Во изминатите месеци јавноста во Македонија беше изложена на една упорна и агресивна кампања дека државата наводно тајно договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство. Се ширеше теза дека зад стратешкото партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство постои наводен „таен договор“. Упорно и без трошка совест се создаваше впечаток дека Владата нешто крие од граѓаните. Се ширеше страв дека Македонија ќе станела камп за мигранти. Оваа теза се повторуваше од ден на ден. Се повторуваше на прес-конференции. Се повторуваше во изјави. Се повторуваше како да е факт. Други и најавуваа протести. Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор. Од британската дипломатија. Британскиот амбасадор Метју Лосон јавно и недвосмислено кажа: таков договор не постои и никогаш не постоел. Нема договор. Нема преговори. Нема центри за мигранти. Фактите се јасни, рече Мицкоски.
Проблемот, вели тој, е многу поголем од оваа конкретна тема, бидејќи, како што нагласи овва не е изолиран случај.
– Гледаме една иста шема која се повторува. Прво се фабрикува сензационалистичка приказан, потоа се создава медиумска паника, а кога фактите ќе ја разобличат приказната, темата едноставно исчезнува. Нема извинување. Нема одговорност. Само премин на следната конструкција. Го видовме тоа и во други случаи. Го видовме кога се создаваше паника дека институциите наводно молчат за запленетата дрога во Србија. Се зборуваше за заташкување и скандал уште пред да се утврдат фактите. Потоа се покажа дека институциите работеле на случајот од самиот почеток. Го видовме и кога се пласираа апокалиптични бројки за пожарите и се тврдеше дека државата е уништена. Се ширеше впечаток дека Македонија е во катастрофална состојба. Потоа се покажа дека бројките се далеку поинакви. Го видовме и кога се тврдеше дека нема средства за пензии и дека Владата не обезбедила финансии за пензионерите, рече Мицкоски,
Тој реагира и на како што вели, злоупотребата на трагичниот случај во карпош за дневно политички цели.
Пртходно и министерот за транспорт, Александар Николоски, преку социјалните мрежи реагираше дека лагата на СДСМ за “мигранти за пари” се распрснала како меур од сапуница.
-“Вистината е секогаш најлесна…” фраза која често ја користам. Само кога се кажува вистината се стига до целта! Некогаш потешко, но секогаш сигурно! Денес како меур од сапуница се распрсна лагата на СДСМ за “мигранти за пари”. Со Велика Британија имаме Договор за стратешко партнерство и Договор Влада со Влада за реализација на инфраструктурни проекти. Тоа е историско постигнување за Македонија, напиша на својот ФБ профил Николоски, откако британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон изјави дека никогаш не постоел никаков договор за „мигранти за пари“ при потпишување на стратешкиот договор и договорот за шест милијарди фунти меѓу нашата земја и Велика Британија.
Реакциите доаѓаат поради критиките од опозицијата дека при потпишување на Договорот со Британија, македонските властии се согласиле во земјава да бидат примени и да бидат изградени кампови за десетици илјади мигранти на кои Лондон не им одобрил престој во Британија.
Британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон ги демантира тврдењата дека постојат и дека постоеле преговори меѓу Лондон и Скопје за прифаќање мигранти. Во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24, Лосон истакнува дека британската влада ниту преговарала, ниту има намера да наметнува решенија што би биле неприфатливи за македонската влада. Нагласува дека таков договор не постои и никогаш не постоел.
Во разговорот, амбасадорот се осврнува и на стратешката соработка меѓу двете земји, можностите за визна либерализација, како и на евроинтеграциите и потенцијалната улога на Лондон во дијалогот меѓу Скопје и Софија. (В.С.Н.)












