Заврши ерата во Македонија кога политичарите испраќаа пораки од скапи јахти и меѓусебно се натпреваруваа кој ќе летува во поексклузивно одморалиште, рече лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пред почетокот на денешната панел-дискусија „Европска ЗНАМ, европска иднина, европска Македонија“ што се одржа во Струмица.
Тој вели оти конечно е дојдено време за одговорен пристап и транспарентно давање отчет пред граѓаните и кажа оти политичарите мора директно да ги сослушаат сите видувања на народот, отворено прифаќајќи ги како позитивните, така и негативните критики.
Целта на посетата на Струмица, каде што присуствуваше заедно со дел од партиското раководство, како што посочија од партијата, е со непосреден разговор со локалното население да се дебатира за вистинските потреби на луѓето.












