четврток, ноември 26, 2026
Дома СВЕТ Ким Џонг Ун повика на зајакнување на партиската дисциплина и единство

Ким Џонг Ун повика на зајакнување на партиската дисциплина и единство

0
Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја истакна важноста на единството во рамките на владејачката Работничка партија на Кореја – втемелено врз единствена идеологија и волја – како и зајакнувањето на партиската дисциплина. Ова се наведува во писмото прочитано на конференцијата на секретари на партиските ќелии, објавија денеска севернокорејските државни медиуми.

Ким ја нагласи потребата за зацврстување на сите партиски ќелии како организации кои остануваат непоколебливи во своите револуционерни убедувања и обврски, пренесе Корејската централна новинска агенција (KCNA).

Писмото беше прочитано на Седмата конференција на секретари на партиските ќелии на Работничката партија на Кореја од страна на Јо Јонг Вон, член на Президиумот на Политбирото и секретар на Централниот комитет задолжен за организациски прашања.

Конференцијата се одржа во вторникот и средата, со цел да се разговара за начините за спроведување на политичките цели утврдени за време на конгресот на владејачката партија, одржан во февруари оваа година.

Според KCNA, во писмото Ким наведе конкретни задачи за зајакнување на партиските ќелии, со цел тие да се претворат во цврсти организации способни безусловно и целосно да ги спроведуваат одлуките на партијата. Тој исто така нагласи дека партиските ќелии треба да го предводат спроведувањето на „трите револуции“ – идеолошка, технолошка и културна – во рамките на нивните соодветни организации.

Собирот се одржа во време кога Северна Кореја продолжува да работи на остварување на петгодишните цели усвоени на Партискиот конгрес во февруари, кои опфаќаат различни сектори, вклучувајќи ги економијата и одбраната.

Учесниците на конференцијата ја разгледаа работата на секретари на партиските ќелии во текот на изминатите пет години и разговараа за начините за зајакнување на партиските организации на основно ниво, во согласност со она што беше опишано како „нова фаза во развојот на револуцијата“.

Статутот на Работничката партија на Кореја беше изменет на Осмиот конгрес во 2021 година, при што беше одлучено конференцијата на секретари на партиските ќелии да се одржува на секои пет години.

Ким Џонг Ун присуствуваше на сите претходни конференции одржани за време на неговото владеење, но овој пат тој лично не се појави на настанот, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ