Луис Дијас го оствари својот детски сон, настапувајќи на Светско првенство, а дебито на најголемата фудбалска сцена го обележа на најдобар можен начин: со гол, асистенција и со победа на Колумбија од 3:1 против Узбекистан, во првото коло од групата К.

Ѕвездата на Баерн Минхен беше меѓу најзаслужните за успешниот старт на Колумбијците на Мундијалот во Мексико Сити, по што не ја криеше својата радост.

  • Денес го живеам мојот детски сон: да играм на Светско првенство за мојата репрезентација и за мојата земја! А што може да биде подобро од тоа да придонесам со гол и со асистенција? Ние сме многу блиска група и ќе продолжиме да се подобруваме од натпревар на натпревар – изјави Дијас.

Колумбија беше подобар противник во првото полувреме и успеа да го наметне својот ритам, но во вториот дел Узбекистан покажа дека неслучајно изборил историски настап на Светско првенство.

  • Најважно беше да победиме на првиот натпревар. Го контролиравме првото полувреме, но тие беа подобри во второто. Мораме да напредуваме – додаде Дијас.

Селекторот Нестор Лоренцо призна дека притисокот од премиерниот настап на турнирот оставил трага кај неговите фудбалери, но беше задоволен од освоените три бода.

Од друга страна, селекторот на Узбекистан, Фабио Канаваро, оцени дека неговиот тим стекнал драгоцено искуство и покрај поразот.

По првото коло, Колумбија се наметна како лидер во групата, особено откако ремизираа Португалија и Демократска Република Конго 1:1. Во следната рунда, Колумбијците ќе се сретнат со Конго, додека Узбекистан ќе бара изненадување против фаворизираната Португалија.

 

ИЗДВОЕНИ