Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 46-годишен скопјанец, осомничен за повреда на авторски права и пиратерија на аудиовизуелно дело.
Според информациите од МВР, Ј.К. во текот на 2024 година, како администратор на Фејсбук-страница, без дозвола објавувал и емитувал епизоди од телевизиска серија за која ексклузивните авторски права биле отстапени на телевизиска куќа врз основа на склучен договор.
Пријавениот, преку својот профил на социјалната мрежа, покрај други серии, филмови и документарни содржини, објавувал и епизоди за кои немал обезбедено авторски права.
Постапувајќи по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, полицијата спровела истрага, го повикала осомничениот на информативен разговор и привремено му одзела електронски уред.
По извршената дигитално-форензичка анализа на уредот, биле потврдени наводите од пријавата и исказот даден од осомничениот во полицијата.
Против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривичните дела „повреда на авторско право и сродни права“ и „пиратерија на аудиовизуелно дело“.












