Лорен Спиезија (32) од Њу Џерси привлече огромно внимание на Њујоршкиот маратон, откако одлучи да ја истрча трката долга 42,195 километри без маица, покажувајќи ги лузните од тешката битка со ракот на дојка.

Американката, која ја победи болеста, со овој потег сакаше да испрати силна порака за храброста, издржливоста и подигнувањето на свеста за ракот на дојка. Таа ја заврши трката за четири часа и 54 минути, не криејќи ги лузните кои, како што вели, се доказ за нејзината борба и преживување.

Нејзината здравствена драма започнала на 31-годишна возраст, кога открила грутка во дојката. Иако првичниот ултразвучен преглед не покажал знаци на малигнитет, Лорен не сакала да ја игнорира својата интуиција. Дополнителните испитувања, мамографијата, биопсијата и магнетната резонанца ја потврдиле страшната дијагноза. Дополнително, било откриено дека е носител на мутација на генот BRCA2.

Следувал исклучително тежок период во кој поминала низ 16 циклуси хемотерапија, осум циклуси имунотерапија, мастектомија и реконструкција на дојката.

По завршувањето на лекувањето, си поставила цел повторно да ја врати физичката сила, прво преку полумаратон, а потоа и преку најголемиот предизвик – Њујоршкиот маратон.

  • Моите лузни не се нешто што треба да го кријам. Тие се доказ дека се борев – и преживеав, порача Спиезија пред трката.

Таа настапи како дел од хуманитарниот тим „Тимот на Фред““, поврзан со центарот „Меморијал Слоан Кетеринг“, каде што се лекувала.

Нејзиниот настап беше многу повеќе од спортски подвиг – порака до сите кои во моментов се соочуваат со оваа тешка болест дека надежта, храброста и желбата за живот можат да бидат посилни од секоја пречка.

ИЗДВОЕНИ