Франција од 1 септември воведува построги правила за користење мобилни телефони во средните училишта. Мерката е дел од пошироките напори на земјата да го намали времето што младите го поминуваат пред екраните и да создаде посмирена средина за учење.
Францускиот министер за образование, Едуар Жефри, најави дека забраната ќе почне да се применува од почетокот на новата учебна година. Тој оцени дека ограничувањето е важно за учениците и најави дополнителни упатства до директорите на училиштата за спроведување на мерката.
Франција веќе има правила со кои користењето мобилни телефони е ограничено во основните училишта и во пониските одделенија на средните училишта. Новата мерка претставува проширување на политиката и кон повисоките одделенија, каде што учениците најчесто се на возраст од 15 до 18 години.
Целта не е само телефонот да не се користи за време на часовите. Француските власти сакаат да го намалат и неговото присуство во текот на целиот училишен ден, со што учениците би имале помалку одвлекување на вниманието и повеќе директна комуникација со соучениците и наставниците.
Мерката доаѓа во период кога Франција паралелно подготвува и дополнителни ограничувања за користењето на социјалните мрежи од страна на малолетниците. Земјата веќе разгледува правила со кои на деца помлади од 15 години би им се ограничил пристапот до одредени социјални мрежи.
Прашањето за мобилните телефони во училиштата во Франција не е ново. Во 2018 година францускиот парламент усвои закон со кој беше ограничено користењето мобилни телефони во училиштата, но во пракса учениците во голем број случаи и понатаму можеле да ги носат телефоните со себе.
Во последните години властите се обидуваат да направат чекор понатаму. Во дел од училиштата веќе беше тестирано решение според кое учениците ги предаваат телефоните при пристигнувањето и повторно ги добиваат на крајот од наставата. Идејата е да се создаде таканаречена „дигитална пауза“ во текот на училишниот ден.
Паралелно со ограничувањето на телефоните, француските власти го засилуваат и притисокот врз технолошките компании поради влијанието на социјалните мрежи врз младите. Во фокусот се прекумерното користење на платформите, нарушувањето на сонот, сајбермалтретирањето и изложеноста на штетни содржини.
Францускиот модел веќе го следат и други европски земји, кои бараат начини да го ограничат присуството на мобилните телефони во образованието без целосно да ги исклучат дигиталните технологии од наставата.












