Пожарот кој почна од селото Гујновци во општина Пробиштип е локализиран, но пожарникарите на ТППЕ-Пробиштип и доброволците на Доброволното Противпожарно друштво (ДПД) „Рудар“ се уште се на терен. Командирот на ТППЕ-Пробиштип, Милан Терзиќ вели дека пожарот во 12.30 часот почнал од селото Гујновци кое се наоѓа на регионалниот пат Штип-Крупиште, но поради ветерот бил проширен и во атарите на селата Трооло, Гајранци и Лезово.
-Нашите екипи се сè уште на терен, пожарот е локализиран. Има некаква материјална штета во самото село, некои помошни објекти. Па се надевам дека во доцните попладневни часови и пожарот ќе биде целосно изгаснат и осигуран. Нашите екипи се на терен, ќе кажам сè уште затоа што постои опасност од разгорување на материјалот којшто бил во пожар-изјави Терзиќ.
Пожарот го гаснат три екипи од Територијалната противпожарна единица-Пробиштип со четири возила.
-Имавме помош од Доброволното противпожарно друштво од Пробиштип – „Рудар“ и месното население. Гореше сува трева, ние ги викаме тоа меѓаци или плотови околу самите села. За жал, имаме изгорено и некоја помошна просторија. Останатата штета во делот на земјоделски производи или површини немаме- вели Терзиќ.
Прашан дали овој пожар е придзивикан од несовесен граѓанин, Терзиќ вели дека во попладневните часови или утринските часови стручни екипи од Министерството за внатрешни работи и од Дирекцијата за заштита и спасување ќе излезат и ќе ги утврдуваат причините за настанување на пожарот.












