Девет лица се уапсени во северно Косово под сомнение за извршување воени злосторства, потврдено е за приштинската телевизија „Клан Косова“. Обвинителството соопшти дека Дирекцијата за истрага на воени злосторства – поддржана од други специјализирани полициски единици и постапувајќи по налог на Специјалното обвинителство на Косово – рано утринава спровела операција со кодно име „Досие 23“ во општина Зубин Поток.
Полициската операција е поврзана со случајот познат како „Група на интелектуалци“, а Специјалното обвинителство и Косовската полиција ќе ја информираат јавноста за дополнителни детали во врска со операцијата и преземените дејствија.
Ископувањата спроведени кон крајот на јуни и почетокот на август во близина на селата Мала Калудра и Јабука во општина Зубин Поток доведоа до откривање на посмртните останки на 23 лица кои припаѓале на таканаречената „Група на интелектуалци“.
ДНК-анализата на три комплети посмртни останки, завршена во Хаг, потврди дека тие им припаѓале на членови на „Групата на интелектуалци“ кои исчезнале на 19 април 1999 година.












