среда, август 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Десет килограми пченица колку литар нафта, земјоделците масовно се откажуваат од лебното...

Десет килограми пченица колку литар нафта, земјоделците масовно се откажуваат од лебното жито

Жетвата заврши, но земјоделците сè уште ги чекаат парите за ланскиот род и субвенциите за 2025 година. Со откупна цена од 9 до 10 денари за килограм, велат дека работат со загуба, додека зголемениот увоз ја зголемува опасноста земјава да стане зависна од странска пченица. Поради доцнењето на исплатите, производителите велат дека немаат средства за новата сеидба и за набавка на семе, ѓубрива, гориво и за друг репроматеријал. Предупредуваат дека ако не се промени состојбата, земјоделците ќе се откажат од производството на лебно жито, а државата ќе стане увозно зависна

0

Жетвата на пченицата е завршена, но продолжува неизвесноста за земјоделците, наместо навремена исплата за произведеното жито и на субвенциите за 2025 година, тие сè уште чекаат на своите пари. Велат дека по цела година вложување и работа, не може да го наплатат сопствениот труд, а дополнителен удар е и ниската откупна цена од само 9 до 10 денари за килограм. Земјоделците предупредуваат дека ваквата состојба го загрозува производството на домашна пченица. Сè поголем број се откажуваат од сеењето лебно жито, а оние што сè уште произведуваат, размислуваат следната година да ги намалат површините. Стравуваат дека доколку продолжи ваквиот однос кон домашното производство, земјава ќе стане уште позависна од увоз на пченица.

Во меѓувреме, на пазарот веќе има увозна пченица од Србија, за која земјоделците изразуваат сомнеж во однос на староста, квалитетот и на потеклото. Тие бараат институциите да проверат од каде доаѓа житото и под какви услови се увезува, бидејќи, според нив, постои можност дел од пченицата да потекнува од Украина, а во Србија само да се препакува и понатаму да се извезува како српска.

Мемет Синани, производител на пченица и член на Управниот одбор на Националната федерација на фармери, вели за ВЕЧЕР дека земјоделците веќе една година чекаат да им бидат исплатени средствата за произведената пченица, додека дополнително доцнат и субвенциите за 2025 година.

– Чекам една година да ми бидат исплатени парите за мојот производ и за мојот труд. Уште есента дадов 800 евра за семенски материјал, а потоа имав дополнителни трошоци за хербициди, пестициди, ѓубрива, нафта и за сè друго што е потребно за производството. Сега не можам да си ги вратам ниту вложените средства. Работиш цела година, вложуваш свои пари, а на крајот немаш ниту заработка ниту ги имаш вратено трошоците – вели Синани.

Според него, дополнителен проблем е и исклучително ниската откупна цена на домашната пченица.

– Пченицата се откупува по 9 денари за прва, 9,5 денари за втора и 10 денари за трета класа. Тоа е многу ниска и понижувачка цена за производителите. Десет килограми пченица се колку еден литар нафта. Каде го има тоа? Како да произведува земјоделец кога само еден литар гориво чини колку десет килограми од неговиот производ? А и тие 10 денари сè уште не се исплатени. Дополнително, не сме ги добиле ниту субвенциите за 2025 година – посочува Синани.

Тој предупредува дека ваквата состојба сериозно го загрозува домашното производство на лебно жито и веќе ги принудува поголемите производители да се откажат од пченицата.

– Многу земјоделци што имаат по 300, 400 или 500 декари пченица, веќе се откажаа од сеење. В година очекувам нивниот број дополнително да се намали. Проблемот е што кога ќе дојде време за нова сеидба, ако не ви е исплатен минатогодишниот род, немате со што да купите семе, ѓубрива, гориво и други репроматеријали. Така постепено го уништуваме домашното производство и се движиме кон целосна зависност од увоз – вели тој.

Синани вели дека и самиот донел одлука наредната година да не сее пченица, бидејќи, како што посочува, повеќе години работи со загуба.

– Јас наредната година нема да посеам ниту еден декар пченица. Неколку години наназад работам со загуба и веќе нема економска логика да продолжам. Не можам повторно да вложувам илјадници евра, а потоа една година да чекам да си ги вратам парите. Ако продолжи вака, прашањето не е дали ќе имаме доволно домашна пченица, туку кога целосно ќе станеме зависни од увоз – предупредува Синани.

Како дополнителен парадокс ја посочува увозната пченица од Србија, за која вели дека се откупува по значително повисока цена од домашната, додека домашните производители не може навреме да ги наплатат ниту своите производи.

– Српската пченица се откупува поскапо од домашната, наводно затоа што има поголем процент на глутен. Освен тоа, мелничарите мора да ја платат таа пченица веднаш. Па која е логиката српската пченица да се плаќа по 14 денари за килограм, додека домашната се откупува за само 9 денари? Во исто време, килограм трици се продаваат по 14 денари. Како е можно преработен производ да има иста или повисока цена од домашната пченица од која се произведува? – прашува Синани.

Тој бара институциите да направат сериозна анализа на условите под кои се увезува пченицата, како и на нејзините потекло и квалитет.

– Не велам дека секоја увезена пченица е неквалитетна, но мора да се знае што се увезува, од каде доаѓа и по која цена. Не може домашниот производител да биде последен на листата, да чека со месеци за своите пари и истовремено да гледа како се плаќа увезената пченица значително поскапо. Ако сакаме да имаме домашно производство на лебно жито и да не зависиме од увоз, мора да има јасна политика и навремена исплата кон домашните производители – додава Синани.

И од Националната земјоделска мрежа реагираат за ниската откупна цена на домашната пченица и за зголемениот увоз, при што предупредуваат дека домашното производство е доведено во сериозна неизвесност.

– Нашата пченица се откупува за ситни пари, а ние јадеме брашно од увозна пченица. Србија ни го дава старото жито што со години стои по силосите и, според информациите со кои располагаме, може да има проблем и со зголемено присуство на афлатоксини. Освен тоа, постојат сомнежи дека дел од украинската пченица се препакува во Србија и потоа, како српска, се извезува кај нас. Нема доволно контрола, нема ефикасни инспекции, а трговците гледаат само на профитот. Народот не знае што јаде – изјави за ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Тој бара институциите да ги засилат контролите на увозот и да се утврдуваат потеклото, квалитетот и безбедноста на пченицата што влегува во земјава.

– Не може домашниот земјоделец да произведува под тешки услови, да продава по ниска цена и притоа со месеци да чека за исплата, додека увозната пченица се носи по повисоки цени. Ако сака да го заштити домашното производство, државата мора да обезбеди контрола на увозот и услови во кои земјоделецот ќе има економски интерес да продолжи да сее пченица – вели Каракашев.

Од Здружението посочуваат и дека, покрај субвенциите, државата има обврска да ја надомести разликата меѓу производствената и откупната цена и да обезбеди маржа од 25 проценти за производителите. Според нив, без навремена исплата на овие средства и без соодветна откупна цена, производството на пченица станува економски неодржливо.

– Ако производната цена е повисока од она што го добива земјоделецот за откуп, разликата мора да се покрие. Земјоделецот не може секоја година да работи со загуба. Покрај субвенциите, мора да се почитува и законската обврска за надоместување на разликата до производствената цена, како и обезбедување 25 проценти заработувачка. Во спротивно, ќе имаме сè помалку домашна пченица и сè поголема зависност од увоз – предупредува Каракашев.

Тој смета дека доколку не реагираат институциите навреме, не само земјоделците туку и потрошувачите ќе ги почувствуваат последиците, бидејќи зголемената зависност од увоз директно ја зголемува ранливоста на домашниот пазар.

Земјоделците сега бараат итна исплата на преостанатите субвенции за 2025 година, бидејќи пред нив е новата есенска производствена сезона. Очекуваат исплатата да заврши до крајот на неделата, во спротивно, најавуваат радикализација на протестите и блокада на граничниот премин Меџитлија. Велат дека повторно немаат од каде да ги финансираат семето, горивото, ѓубривата и другиот репроматеријал. Ако не обезбеди државата услови за производство, предупредуваат, наместо домашна пченица, на трпезите ќе има сè повеќе увозно жито.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ