Курсот на денарот е стабилен, има раст на депозитите, а банкарскиот систем и натаму е отпорен, со високо ниво на капитал и ликвидност, вели гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Тој нагласува дека однесувањето на депонентите е без значителни промени, што е јасен показател за довербата на граѓаните во банкарскиот систем.
– Адекватноста на капиталот изнесува околу 19%, обезбедувајќи значителен заштитен слој во услови на неизвесност – потенцира Славески.
Осврнувајќи се на инфлацијата, гувернерот истакна дека тековните случувања во светот носат одредени ризици, пред сè преку цените на енергентите и нарушувањата во светските синџири на снабдување. Сепак, Народната банка внимателно ги следи состојбите и е подготвена да реагира со сите расположливи инструменти.
Како дополнителен столб на стабилноста беа посочени девизните резерви, коишто на крајот на февруари изнесуваа над 5,5 милијарди евра, што е значително повисоко ниво од 70% во однос на периодот пред пандемијата, обезбедувајќи сигурна поддршка за стабилноста на девизниот курс.
Во однос на изборот на вицегувернери, гувернерот истакна дека постапката се одвива согласно законските процедури. Предложени се двајца високо искусни професионалци од Народната банка – Ана Митреска, досегашен вицегувернер со искуство во монетарна политика и истражување, и Игор Величковски, експерт за платни системи и интеграција во регионални и европски платежни структури.
– Овие предлози обезбедуваат континуитет во работењето и дополнителна стабилност на институцијата – потенцира Славески.












