Пожарот што денеска избувна на Халкидики предизвика евакуација на туристи и жители од погодените подрачја, а меѓу оние кои побарале информации и помош се и македонски државјани.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за МИА информираат дека до дипломатско-конзуларното претставништво во Солун телефонски се обратиле македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја. На граѓаните им биле пренесени упатствата и насоките издадени од надлежните грчки власти.
Засега, меѓутоа, нема официјална информација колку македонски државјани биле евакуирани од местата зафатени со пожарот. Од МНРиНТ велат дека од грчките институции сè уште не добиле податоци за бројот на евакуираните македонски граѓани.
Повеќе од 300 лица евакуирани по море
Пожарот особено го погоди туристичкото место Сивири, на Касандра, каде што пламените јазици се приближиле до куќи и туристички објекти. Поради опасноста, дел од туристите и жителите биле евакуирани по копнен и по морски пат.
Според информациите на „Ројтерс“, повеќе од 300 лица биле евакуирани со чамци од Сивири. Во операцијата учествувале грчката крајбрежна стража, противпожарни и патролни чамци, како и приватни пловни објекти.
На терен биле ангажирани повеќе од 140 пожарникари, со девет авиони и седум хеликоптери. Силниот ветер дополнително го отежнувал гаснењето и придонесувал огнот брзо да се шири. Еден пожарникар бил повреден.
МНР: Внимателно следете ги инструкциите
Од МНР велат дека преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун внимателно го следат развојот на состојбата.
Од Министерството апелираат до македонските државјани кои во моментот се наоѓаат во погодените делови на Халкидики да ја следат состојбата и доследно да ги почитуваат упатствата на локалните власти.
За дополнителни информации и итна помош, МНР ги објави дежурниот телефон на Министерството и телефонските броеви на Конзулатот во Солун: +389 75 268 736, +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.
Во моментов останува неизвесно колку македонски туристи се директно погодени од евакуациите. (П.А.)












