четврток, јуни 18, 2026
Дома КУЛТУРА „Денови на македонската култура“ во Белгија: Одбрани содржини за уникатно доживување на...

„Денови на македонската култура“ во Белгија: Одбрани содржини за уникатно доживување на публиката/ФОТО/ВИДЕО

307

Во почеткот на мај 2026 година, во Белгија, се одржува манифестацијата „Денови на македонската култура“ во организација на Министерството за култура и туризам,  манифестација која е исклучителна можност за промоција на богатото културно наследство и високото уметничко творештво на Република Северна Македонија пред европската јавност.

Програмата, која опфаќа внимателно одбрани содржини од различни области на културата, кои ќе понудат уникатно доживување за публиката започна на 2 мај 2026 година со настап на балетот при НУ Национална опера и балет во Антверпен со балетската класика „Лебедово езеро“, со која преку висок уметнички израз и современа сценска естетика се афирмира македонската балетска уметност на меѓународната сцена. Настапот беше награден со долг аплауз и со голем интерес од страна на присутната публика.

Според програмата, на 4 мај 2026 година, ќе биде прикажан филмот „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески во киносалата Cinema Galeries во Брисел. Ова филмско остварување ја отсликува актуелната продукција и креативниот потенцијал на македонската кинематографија.

На 5 мај 2026 година, НУ Оркестар за џез музика на Република Северна Македонија ќе настапи во култниот културен центар Bozar со енергичен спој на македонска народна музика и современ џез.

До крајот на 2026 година, планирана е и изложба на Теракотни икони од Виница во Европскиот Парламент. Изложувањето на овие икони, кои претставуваат уникатна археолошка и уметничка појава во ранохристијанската уметност во Европа, е од исклучително значење за меѓународна афирмација на културното наследство на Република Северна Македонија.

Манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија претставува можност за сите љубители на уметноста да ја почувствуваат автентичната енергија на македонската култура и истата очекуваме дека ќе има значителни афирмативни ефекти за презенација на нашата држава во меѓународен контекст.

ИЗДВОЕНИ