За околу недела дена, за кога се очекува да стапи во сила новиот закон за дарување на органи, ако одите на матичен лекар тој ќе ве праша– дали по вашата смрт сте согласни или не сте, органите да продолжат да „живеат“ во друг домаќин. Министерот за здравство кој ја аргументира потребата од законот пред пратениците во Собранието, рече дека секој согласен пациент ќе треба да пополни прашалник и неговите податоци ќе им бидат достапни на докторите од клиниките. Преку системот „Мој термин“, ќе се знае со колкав број на потенцијални донори се располага, а кога некој човек ќе почине , со еден клик докторите веднаш ќе знаат дали е донор бидејќи ќе биде обележан со црвена боја.
Новиот закон предвидува бројот на пописи за одобрување за пресадување на органи да се намали, а државата изминатиов период правеше голема кампања за се промени размислувањето за органодарителството кај нашите граѓани. Семејството нема да може да одлучи поинаку доколку починатиот дал согласност додека бил жив.
„Ќе продолжиме да правиме кампања со сите институции, ќе ги вклучиме и оние во кој граѓаните имаат најголема доверба , да се информираат правилно и од аспект на верата, да знаат дека е позитивно и човечки да се донираат органите“, изјави министерот за здравтво Азир Алиу.
Законот беше на собраниска седница и се носи по скратена постапка.(П.А.)












