вторник, јули 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Даниловски: Еболата е опасна, но не се шири лесно како грип или...

Даниловски: Еболата е опасна, но не се шири лесно како грип или ковид

613

На прашањата колку реално постои опасност од ширење на вирусот надвор од африканскиот континент, дали летните патувања носат дополнителен ризик и колку македонскиот здравствен систем е подготвен доколку се појави сомнителен случај, за весникот ВЕЧЕР објаснува епидемиологот, професор д-р Драган Даниловски. „Во овој момент не постојат параметри што би укажувале на непосреден ризик за Македонија. Но, тоа не значи дека институциите не треба будно да ја следат состојбата. Современото јавно здравство функционира преку рано предупредување, надзор и меѓународна координација. Важно е да се избегнат двете крајности – и потценување и сензационализам. Најлоша комбинација е кога сериозна болест се претвора во медиумски спектакл, вели професорот Даниловски

СЗО алармира, експертите смируваат – колку сме безбедни пред летните патувања? 

Во екот на летната туристичка сезона, кога илјадници граѓани патуваат на различни светски дестинации, повторно се актуализира прашањето за ширењето на еболата. Светската здравствена организација прогласи меѓународна здравствена опасност поради новото жариште во Демократска Република Конго и случаите регистрирани во Уганда. Иако европските здравствени власти оценуваат дека ризикот за населението во Европа е засега многу низок, експертите предупредуваат дека зголемената мобилност на луѓето и интензивниот меѓународен сообраќај бараат постојана внимателност и подготвеност на здравствените системи.

Дополнителна загриженост кај граѓаните предизвика и случајот со двајца италијански хуманитарни работници кои по враќањето од Уганда беа хоспитализирани во Милано со висока температура и симптоми слични на ебола. По деталните анализи, италијанското Министерство за здравство соопшти дека тестовите биле негативни, но случајот уште еднаш ја отвори дебатата за ризиците од ширење на опасни заразни болести преку меѓународните патувања.

Загриженоста кај здравствените власти дополнително ја зголемува и фактот дека станува збор за вид на ебола од сојот „бундибуџо“, за кој во моментов нема одобрена вакцина или специфична терапија.

На прашањата колку реално постои опасност од ширење на вирусот надвор од африканскиот континент, дали летните патувања носат дополнителен ризик и колку македонскиот здравствен систем е подготвен доколку се појави сомнителен случај, за весникот ВЕЧЕР објаснува епидемиологот, професор д-р Драган Даниловски.

– Кога во јавноста ќе се спомене еболата, сосема разбирливо се создава чувство на страв, затоа што станува збор за една од најтешките познати вирусни инфекции кај човекот. Но, важно е ризикот да се проценува рационално и епидемиолошки прецизно. Еболата има висока смртност, но нема лесна преносливост како респираторните вируси. Вирусот не се шири како грип или ковид преку секојдневен престој во ист простор. За инфекција е обично потребен близок директен контакт со крв, секрети или други телесни течности на симптоматски пациент – појаснува професор Даниловски.

Според него, токму поради тоа, дури и кога ќе се појават случаи, најчесто станува збор за ограничени епидемиски кластери кои можат да се контролираат со брза изолација, трагање по контактите и нивно следење, како и со строги мерки за заштита во здравствените установи.

– Во овој момент не постојат параметри што би укажувале на непосреден ризик за Македонија. Но, тоа не значи дека институциите не треба будно да ја следат состојбата. Современото јавно здравство функционира преку рано предупредување, надзор и меѓународна координација. Важно е да се избегнат двете крајности – и потценување и сензационализам. Најлоша комбинација е кога сериозна болест се претвора во медиумски спектакл – вели професорот Даниловски за весникот ВЕЧЕР.

Светската здравствена организација веќе прогласи вонредна состојба со меѓународен карактер поради ширењето на еболата во Уганда и Конго. Сепак, според процените на европските здравствени институции, ризикот од пошироко ширење во Европа останува низок бидејќи вирусот не се пренесува лесно како респираторните инфекции, туку бара директен контакт со телесни течности на заразено лице.

Здравствените експерти апелираат на внимателност, но и на смиреност, посочувајќи дека и покрај сериозноста на болеста, клучни остануваат навременото откривање на сомнителните случаи, изолацијата и меѓународната координација на здравствените системи. (Е. А.)

ИЗДВОЕНИ