Иднината на Леброн Џејмс во Лос Анџелес Лејкерс останува неизвесна по завршувањето на сезоната, а порталот „ЕСПН“ открива дека 41-годишната суперѕвезда е незадоволна од односот на раководството кон него.
Иако е јасно дека Лејкерси ќе го гради тимот околу Лука Дончиќ, прашањето е дали Џејмс ќе остане дел од проектот. Според извори блиски до легендарниот кошаркар, парите нема да бидат пресудни, туку почитта и начинот на кој клубот ќе му покаже дека сè уште смета на него.
Како што наведува „ЕСПН“, Леброн бил разочаран од неколку потези на управата, а особено од еден момент по победата над Кливленд на 31 март.
На тој натпревар, Џејмс стигна до рекордната 1.229. победа во кариерата, Дончиќ ја надмина границата од 15.000 поени, Руи Хачимура стигна до 5.000 поени, а тренерот Џеј Џеј Редик ја запиша својата 100. НБА-победа.
Сепак, генералниот менаџер Роб Пелинка, по мечот, му ја врачил топката од натпреварот само на Редик, игнорирајќи ги останатите јубилеи. Според извештаите, Џејмс тоа го сфатил како знак дека клубот почнал да го зема „здраво за готово“.
Леброн веќе ја активирал својата играчка опција вредна 52,6 милиони долари, но сè уште нема официјална потврда дали ќе остане во Лос Анџелес. Во текот на сезоната се појавија и шпекулации за можно враќање во Кливленд, како последен танц во НБА.
И покрај годините, Џејмс и натаму игра на високо ниво. Оваа сезона бележеше просек од 20,9 поени, 6,1 скока и 7,2 асистенции, иако тоа се негови најниски бројки уште од дебитантската сезона во НБА-лигата.











