Во медиумите во изминатите недели се појавија информации дека постои можност познатите холивудски актери Вуди Харелсон и Метју Меконахи да се браќа.
Мајката на Меконахи, Кеј Меконахи, навестила дека била во врска со таткото на Харелсон, Чарлс Харелсон, што го отвори прашањето дали ѕвездите на серијата „True Detective“ се во роднинска врска.
Двајцата актери зборуваа за оваа можност, но и за серијата „Brothers“, во која се толкуваат самите себе, во интервју за „The Hollywood Reporter“. Меконахи на почетокот од разговорот откри како дошле до идејата да ја снимат серијата.
„Со години разговаравме за тоа и приказната стануваше сè позабавна меѓу нас, нашите семејства и нас двајцата секогаш кога ќе се соберевме, уште од онаа реченица што ја кажа мајка ми таа вечер во Грција“, рече Меконахи.
Како што наведе, идејата за заедничката серија ја добил Харелсон. Од идејата стигнале до првиот продуцент, па до вториот, а на крајот целиот проект бил реализиран.
„Следното нешто на кое се сеќавам е дека имаме продукциска канцеларија и избираме актери. Си помислуваш: ‘Ова навистина се случува’“, се присети актерот.
Како што рекоа двајцата, Харелсон сака тие да направат ДНК-тест, но Меконахи тоа го одбива.
„Ако направиме тест и, да речеме, се покаже дека е вистина, а не е, тогаш ќе морам да преиспитам 56 години од она што мислев дека го знам за мојот татко. Но, најлошото можно сценарио всушност е ако не е вистина, бидејќи тоа би било ужасно за целиот живот“, објасни Меконахи.
Харелсон додаде дека во тој случај „би бил депресивен некое време“.
Според сценаристот и продуцент на серијата, Ли Ајзенберг, на крајот од првата сезона ќе биде даден одговор на прашањето дали актерите се браќа или не, но сепак ќе биде оставен доволно простор за уште една сезона.
„Јас лично воопшто не помислив на втора сезона и мислам дека можам да зборувам и во име на мојот брат. Но, верувам дека, ако на луѓето им се допадне, ќе направиме уште една сезона. А ако не…“, одговори Харелсон.












