Невладината организација апелира до надлежните институции да го усогласат домашното законодавство со европските директиви за заштита на живеалиштата, птиците и водите. Според „Екосвест“, јасните процедури ќе обезбедат правна сигурност за инвеститорите, ќе ги намалат конфликтите и ќе овозможат одржлив развој на обновливите извори на енергија. Од организацијата нагласуваат дека енергетската независност и зачувувањето на природните ресурси мора да одат рака под рака

 

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ упати јавен повик до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и до Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување јасна законска рамка што ќе овозможи развој на обновливите извори на енергија без загрозување на природата и водните ресурси.

Од организацијата оценуваат дека Македонија се наоѓа во клучна фаза од енергетската транзиција, при што инвестициите во обновливи извори на енергија се неопходни за намалување на емисиите на стакленички гасови, зајакнување на енергетската независност и исполнување на меѓународните обврски. Сепак, предупредуваат дека процесот не смее да се реализира на сметка на биодиверзитетот и природните богатства.

Според „Екосвест“, искуството на Европската Унија покажува дека енергетската транзиција и заштитата на природата не се спротивставени цели, туку процеси кои можат да се спроведуваат паралелно преку јасни законски правила и транспарентни процедури.

Во соопштението се наведува дека земјата има можност да ги избегне проблемите што во изминатите години се појавија со изградбата на малите хидроелектрани, кои предизвикаа судски спорови, отпор од локалното население и неизвесност за инвеститорите. Оттаму сметаат дека недоволната заштита на природата не го забрзува, туку го забавува развојот на енергетските проекти.

„Екосвест“ потсетува дека Европската комисија предлага Директивите за живеалишта и птици, како и Рамковната директива за води, да станат дел од правната рамка на Енергетската заедница. Според организацијата, тоа ќе обезбеди поголема правна сигурност, предвидливост и усогласување на националното законодавство со европските стандарди.

Организацијата нагласува дека актуелната ревизија на Законот за заштита на природата претставува можност овие европски стандарди навремено да се интегрираат во домашното законодавство и да се воспостават механизми за одржлив развој на обновливите извори на енергија.

Во своето обраќање, „Екосвест“ ги повикува двете министерства заеднички да дадат политичка поддршка за вклучување на европските директиви во правната рамка на Енергетската заедница, да обезбедат нивно целосно транспонирање во националното законодавство, да воведат задолжителни процедури за оценување на влијанијата врз природата и водите, да го забрзаат воспоставувањето и правната заштита на мрежата Емералд, како и да развијат стратешко просторно планирање кое ќе ги насочува инвестициите кон деградирани и веќе изменети површини, наместо кон подрачја со висока природна вредност.

Дополнително, организацијата бара транспарентни процедури и активно учество на јавноста при носењето на сите стратешки одлуки поврзани со енергетскиот развој.

–Јасните правила не се пречка за инвестициите, туку предуслов за нивен успех. Тие ги намалуваат ризиците за инвеститорите, ги скратуваат административните процедури, ги намалуваат судските спорови и ја зголемуваат довербата на јавноста – наведуваат од „Екосвест“.

Од организацијата порачуваат дека на Македонија не ѝ е потребен избор меѓу енергетскиот развој и заштитата на природата, туку политики што ќе ги обезбедат и двете цели, создавајќи услови за европска, праведна и одржлива енергетска транзиција во интерес на сегашните и идните генерации.

 

ИЗДВОЕНИ