Девет еколошки здруженија побараа Владата трајно да ги поништи концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, оценувајќи дека проектот претставува сериозна закана за животната средина, земјоделството и здравјето на граѓаните. Барањето следува по конечната одлука на Вишиот управен суд со која се отвора можност за враќање на концесиите. Организациите предупредуваат дека, доколку Владата не ги поништи концесиите, ќе организираат поширок граѓански и еколошки отпор.

 

Девет еколошки организации од Југоисточниот регион и од други делови на државата упатија заедничко барање до Владата, со кое бараат конечно и трајно поништување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, оценувајќи дека станува збор за проект кој, според нив, претставува закана за животната средина, земјоделството и здравјето на граѓаните.

Заедничкиот став е усвоен на состанок одржан на 27 јуни во Струмица, на кој присуствувале претставници на здруженијата „Екодолина“ од Ново Село, „Здрава Котлина“ и „Спас за Струмичка Котлина“ од Струмица, „Ја штитам Беласица“ од Ново Село, „Младите на Штука и Иловица“ од Босилово, „Спас за Гевгелија“ и „Changemakers 4 All“ од Гевгелија, „Спас за Прилеп“ од Прилеп, како и „Зелена народна стража“ од Скопје.

Во заедничкото барање организациите ја повикуваат Владата, на првата седница на која ќе се разгледува прашањето за концесиите на компанијата „Еуромакс ресурси“, да донесе одлука за нивно целосно поништување.

–Владата мора да ги поништи концесиите, а не да ги враќа на повторна постапка. Ги има сите правни основи, механизмите и јавната поддршка за тоа. Никакво друго решение не е прифатливо – се наведува во заедничкиот документ.

Потписниците оценуваат дека отпорот против проектот трае повеќе од десет години и дека во тој период граѓаните јасно ја изразиле својата волја преку бројни иницијативи, јавни собири и протести. Според нив, проектот „Иловица-Штука“ не ја засега само Струмичката Котлина, туку има последици и за поширокиот јавен интерес.

Еколошките организации предупредуваат дека, доколку Владата не донесе одлука за трајно поништување на концесиите, во наредниот период ќе повикаат на, како што наведуваат, „сеопшт, сееколошки и сеграѓански отпор“ против рударските проекти за кои сметаат дека ја загрозуваат природата и здравјето на населението.

Воедно, „Екодолина“, „Здрава Котлина“, „Зелена народна стража“, „Ја штитам Беласица“, „Младите на Штука и Иловица“, „Спас за Гевгелија“, „Спас за Прилеп“, „Спас за Струмичка Котлина“ и „Changemakers 4 All“ ги повикуваат сите еколошки здруженија, граѓански организации и граѓани да се приклучат кон нивната иницијатива и да ја поддржат, како што велат, борбата за заштита на природата и јавниот интерес.

Минатата недела од Владата информираа дека Вишиот управен суд ja поништил владината одлука за престанок на важењето на одлуката за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово и Општина Ново Село. Од Владата информираа дека станува збор за конечна одлука, која Владата е должна да ја почитува.

– Ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелната Влада, туку претставува наследена правна состојба што произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивни престанок донесени само еден месец подоцна, во јули 2023 година, по што е поведена судска постапка пред надлежните судови. Сегашната состојба е резултат на завршување на таа постапка со конечна пресуда на Вишиот управен суд – информираа од Владата.

Граѓанските здруженија „Здрава котлина“ и „Спас за Струмичката Котлина“, кои веќе десет години се противат на отворањето на рудникот „Иловица-Штука“, посочија дека одлуката на Судот била донесена на 6 мај 2026, а Владата требало, но не поднела жалба, не реагирала. За нив е неприфатлива одлуката за враќање на одземените концесии и ја сметаат за антимакедонски чин.

– Нашата десетгодишна борба никогаш не била само локална, бидејќи проектот за рудници на смртта е пат кон национална катастрофа, во вид на екоцид и геноцид. Затоа, без оглед во кој дел од Македонија живеете, оваа одлука е и против вас и вашата иднина. Ако помине „Иловица-Штука“, ќе поминат и други – се наведува, меѓу другото, во реакцијата на овие здруженија.

Од Владата нагласија дека се свесни дека кај дел од граѓаните, локалното население и граѓанските организации постојат оправдани прашања и загриженост поврзани со овој проект.

– Токму затоа Владата ќе продолжи целосно транспарентно да ги разгледува сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи, во рамките на законските процедури и институционалните надлежности. Наш приоритет остануваат создавањето услови за економски раст, новите инвестиции и отворањето работни места, но тоа никогаш нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина. Заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи. Секое понатамошно постапување во однос на овој предмет ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста. Владата ќе продолжи одговорно, транспарентно и во согласност со законите да носи одлуки што ги штитат интересите на граѓаните, обезбедуваат правна сигурност и создаваат услови за одржлив развој на државата – потенцираа од Владата.

(С.Бл.) 

 

ИЗДВОЕНИ