Од Националниот парк „Шар Планина“ упатија сериозен апел до жителите и посетителите на Паркот, да не ги вознемируваат дивите кози во овој период.
Притоа, појаснуваат дека секое вознемирување од луѓе или предатори, како бучава или нивно прогонување, ги принудува овие животни да трчаат, трошејќи ги масните резерви кои се од витално значење за нивното преживување.
Оттаму препорачуваат, доколку жителите и посетителите сакаат да помогнат, да ги почитуваат заштитените зони и да држат дистанција, да избегнуваат бучава и непотребни движења во близина на стадата и да ги известат надлежните ако забележат повредени животни.
–Заштитата на природата и нејзините жители е заедничка одговорност. Да им ја олесниме зимата – порачуваат од НП „Шар Планина“
Од националниот парк објаснуваат дека дивите кози се типични жители на планинските области и се познати по нивната способност да преживуваат во тешки терени.
– Но, во текот на зимата, дивите кози на Шар Планина се соочуваат со големи тешкотии при обезбедувањето храна. Длабокиот снег, ниската температура и покриеноста на пасиштата со снег го ограничуваат нивниот пристап до природните извори на храна. За да заштедат енергија, тие влегуваат во состојба на „полулетаргија“, движејќи се што е можно помалку – нагласуваат од НП „Шар Планина“.












