Македонската женска кошаркарска репрезентација денеска ќе го одигра и четвртиот натпревар од квалификациите за Евробаскетот во 2027 година, каде што нашата селекција ќе ги одмери силите против Данска, дуел кој ќе се одигра во 18.30 часот, во Копенхаген.
Нашата селекција нема реални шанси за пласман на големиот континентален собир, а на овој меч ќе се обидеме повторно да ја изненадиме Данска, која ја победивме дома со 79:78.
По пензионирањето на доскорешниот капитен Анџелика Митрашиновиќ, која се повлече од активното играње на кошарка, лидер во тимот ќе биде Александра Стојановска.
- Очекувањата, нормално, не може да бидат како претходните. Во моментов се случува голема промена во националниот тим. Доаѓаат доста млади играчи, промената во играчкиот ростер е доста голема. Имаме т.н. „пензионирање“ на нашиот најдобар играч, Анџелика Митрашиновиќ, што драстично ја менува улогата на плејмејкерот во тимот. Оттука, нашите очекувања се тие, да бидеме сите тука. Да го дадеме максимумот како и секогаш, и да им покажеме на тие млади играчи како се бори и како се сака репрезентацијата. Дали ќе успееме да оствариме победа, останува да видиме, порача Стојановска.
Новиот капитен на репрезентацијата потоа додаде дека очекува многу поголема жртва од младите, за кои ова е голема шанса да се покажат на големата сцена.
- Имаме доста талентирани млади играчи во овој тим, кои се сè уште во фаза на раст, на развој. Пред се, како личности. Јас, лично, верувам во нив. И верувам дека може да изненадат и да покажат, евентуално, што знаат, што можат, бидејќи ова за нив е голема шанса, смета Стојановска.











