среда, септември 9, 2026
Дома СВЕТ Црно сценарио: ЕУ се плаши дека преку АфД, нејзините доверливи информации ќе...

Црно сценарио: ЕУ се плаши дека преку АфД, нејзините доверливи информации ќе се најдат во рацете на Путин

2
EPA/CLEMENS BILAN

АфД може да добие дури 39 од 83 места во покраинскиот парламент, но прашање е дали ќе ја преземе власта, зашто главните политички партии во Германија одржуваат „заштитен ѕид“ против неа, одбивајќи да формираат коалиција. Но, оваа победа може да има злокобни последици за националната безбедност на Германија и стабилноста на Европската Унија, зашто државната безбедносна служба предводена од АфД би можела да издаде чувствителни информации на Русија, кои Москва би можела да ги искористи за дестабилизација на земјата. Георг Мајер, министер за внатрешни работи на Тирингија, рече дека Кремљ „не го крие фактот дека АфД е најважниот инструмент на рускиот претседател Владимир Путин за дестабилизација на Германија“

Германската крајно деснa партија Алтернатива за Германија (АфД) би можела да ѝ издаде на Русија чувствителни информации, предупредуваат политичарите. Позната по својот пријателски став кон Москва, оваа партија извојува запрепастувачка победа на регионалните избори оваа недела и стана најголемата партија во Саксонија-Анхалт, во прва таква изборна победа на крајно десничарска партија по Втората светска војна. На изборите во неделата, според излезните резултати, АфД освои најмалку 44 проценти од гласовите, убедливо победувајќи ја централно-десничарската ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц, чија поддршка падна на 18,5 проценти.

Овој изборен резултат би можел да ѝ донесе на АфД дури 39 од 83 места во покраинскиот парламент, што е само малку под од апсолутно мнозинство. Дали партијата, всушност, може да ја преземе власта останува неизвесно зашто главните политички партии во Германија одржуваат „заштитен ѕид“ против неа, одбивајќи да формираат коалиции. Но, оваа победа би можела да има злокобни последици за националната безбедност на Германија и стабилноста на Европската Унија, пишува „Њуз.ком.ау“. Георг Мајер, министер за внатрешни работи на Тирингија, предупреди дека државната безбедносна служба предводена од АфД би можела да ѝ издаде чувствителни информации на Русија, кои Москва би можела да ги искористи за дестабилизација на земјата. За „Ханделсблат“ тој рече дека Кремљ „не го крие фактот дека АфД е најважниот инструмент на рускиот претседател Владимир Путин за дестабилизација на Германија“.

– Со оглед на моменталните напади врз нашата критична инфраструктура, би било катастрофално ако наодите на безбедносните власти протечат во Русија. АфД е безбедносен ризик поради нејзиното додворување на агресивниот режим на Путин, рече во Бундестагот Марк Хенрихман, политичар од ЦДУ и претседател на Парламентарниот надзорен комитет.

Тој додаде дека истомислечките десничарски партии се дистанцираат од АфД поради нејзиниот недостаток на дистанцирање од Кремљ. Ирене Михалиќ од Зелената партија изјави дека верува оти АфД е „доброволен инструмент“ на хибридните, големи напади на Путин врз земјата.

– Мораме да претпоставиме дека АфД би ги пренела тајните информации и пристапот до нив без никакво двоумење, рече таа.

Минатата недела, Германија ја обвини Москва за обид за „хибриден напад“ со беспилотно летало полно со експлозив на аеродромот во Лајпциг во август. Путин подоцна тоа го нарече уште една сериозна грешка. Германските медиуми објавија во средата дека полицијата идентификувала двајца осомничени Руси поврзани со обидот за напад. Според медиумите, едниот осомничен бил белоруски државјанин кој имал и руски пасош, а другиот имал латвиски и руски пасош и се верува дека дејствувал како координатор за логистика и инструктор за напад. Министерот за надворешни работи, Јохан Вадефул, најави дека Германија ќе го затвори рускиот конзулат во поранешниот главен град Бон и ќе го откаже договорот за Руски дом, културен центар во Берлин.

– Ја заоструваме контролата за влез за руските граѓани, а Германија ќе предложи да се стават неколку руски лица на списокот на санкции на ЕУ, додаде тој.

Во март, тројца дипломати од ЕУ и четворица германски пратеници изјавија за „Политико“ дека се плашат дека Москва би можела да добие пристап до класифицирани документи на ЕУ од проруската АфД. Германските пратеници, вклучувајќи ги и тие од АфД, имаат пристап до база на податоци со илјадници документи на ЕУ. Документите вклучуваат доверливи белешки од амбасадорски состаноци каде што дипломатите на блокот ги разменуваат ставовите на своите земји за геополитички прашања како што се финансирањето на Украина и замрзнувањето на руските средства.

ИЗДВОЕНИ