Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува цените на нафтата да паднат откако ќе заврши војната во Иран и дека некој што живее во Иран веројатно би бил подобар кандидат да ја преземе земјата од синот на протераниот поранешен ирански шах, Реза Пахлави, кој живее во Соединетите Американски Држави.
Трамп на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Овалната соба изјави дека цените на нафтата веројатно ќе бидат „високи некое време“ поради нападите на САД и Израел врз Иран, но дека ќе се намалат кога сè ќе заврши, па дури и дека ќе бидат пониски од порано, пренесе Би-Би-Си.
„Значи, ако имаме малку повисоки цени на нафтата некое време, штом ова ќе заврши, тие цени ќе се намалат. Верувам дека ќе бидат пониски дури и од порано“, рече Трамп.
На прашањето дали го гледа Реза Пахлави, протераниот син на последниот ирански шах, како можна опција да го води Иран во иднина, Трамп рече дека Пахлави изгледа како фин човек, но дека иако „некои луѓе го сакаат“, тој верува дека најдоброто можно сценарио би било „некој што веќе е таму“ да ја преземе власта.
Трамп ги предупреди Иранците да не излегуваат на улиците додека трае бомбардирањето.
Според него, иранската заедница во Соединетите Американски Држави е задоволна од американската операција против Иран, која започна во саботата.












