Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема ништо против Јавното обвинителство да отвори предмет и да спроведе истрага за случајот со Алта банка, со цел да се утврдат сите околности околу нејзиното преземање. Тој истовремено ги отфрли обвинувањата на опозицискиот СДСМ, оценувајќи ги како дел од политичка кампања.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со барањето на СДСМ за истрага, Мицкоски порача дека институциите треба да постапат доколку сметаат дека има основа за тоа.

Премиерот нагласи дека очекува Алта банка да продолжи со работа и дека приоритет на Владата е да се обезбеди нејзино спасување, наместо да се дозволи банката да заврши во стечај. Според него, се очекува финансиска институција да стане нејзин сопственик, што би овозможило продолжување на работењето и заштита на интересите на доверителите и деловните партнери.

Во однос на сопственичката структура, Мицкоски оцени дека се исполнети законските услови за работење на македонскиот пазар. Како аргумент ги посочи претходните деловни активности на Мацура во Австрија, вклучително и добиената дозвола за стекнување акции во Адико банка, како и неговите деловни односи со Рајфајзен банка.

Тој истакна дека Владата нема право да избира кои компании ќе работат во земјата доколку ги исполнуваат предвидените законски услови. Според Мицкоски, евентуалното ограничување на работењето на компании врз основа на нивното потекло може да има негативни последици врз економските и политичките односи со други држави.

Мицкоски повтори дека определбата на Владата е Алта банка да продолжи да функционира, додека за обвинувањата на опозицијата рече дека претставуваат обид случајот да се искористи за политички цели.

ИЗДВОЕНИ